1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе нема веќе „драг Боруте, драга Јадранка“?

25 септември 2011

Словенечкиот парламент не и‘ изгласа доверба на владата на Борут Пахор. Претседателот Тирк изјави дека со тоа серизно се заострила кризата во земјата. Може ли промена на власта да влијае врз односите Словенија-Хрватска?

https://p.dw.com/p/12eYy
Јадранка Косор и Борут Пахор (март, 2010, Брдо кај Крањ)Фотографија: picture alliance/dpa

Новинарот на „Нови лист“, Денис Ромац, е уверен дека ратификацијата на пристапниот договор на Хрватска со ЕУ нема да помине без „уште еден круг националистичко дивеење, каков што гледавме во случајот на ратификација на хрватскиот договор со НАТО“. Тој смета дека нова словенечка десничарска влада би се обидела да отвори расправа за Арбитражниот договор што го потпишаа премиерите Косор и Пахор, а со кој се одмрзнати односите меѓу двете држави.

Denis Romac
Денис Ромац: Претстои уште еден круг националистичко дивеењеФотографија: DW

Дописникот на словенечкиот весник „Дело“ од Хрватска, Рок Кајзер, пак, е на мислење дека „такви стравувања се неоправдани затоа што веќе не станува збор за внатрешни прашања, туку за меѓународниот углед на Словенија, кој ниту еден политичар веќе нема да смее да го доведе во прашање“. Тој смета дека „најдраматичното нешто што може да се случи е да нема веќе поздрави како ’драг Боруте, драга Јадранка’“.

Кајзер, исто како и политичкиот аналитичар Владо Михељ, признава дека двајцата премиери покренаа позитивна приказна меѓу двете држави, која, како што нагласува Михељ, „веќе не може да биде вратена во ледено доба“. Според Михељ, во иднина Словенија ќе води посмирена политика кон Хрватска. „Дури и ако Јанша ја преземе власта и му вети некакви облигации на радикалниот дел од своите избирачи, реалноста на меѓународната сцена е таква што нема да има поголеми промени во политиката кон Хрватска“, убеден е тој.

Зошто падна владата на Пахор?

Ромац, кој важи за еден од најупатените аналитичари на словенечката политичка сцена, смета дека владата на Пахор падна поради тоа што „Пахор ветил дека ќе води нова политика, подемократска и похумана, но бројните афери покажале дека власта не е доволно отпорна на клиентелизам, корупција и елитизам“. Освен тоа, Ромац истакнува дека Словенија троши околу две милијарди евра повеќе од можностите и дека тоа постојано се покрива со нови задолжувања. „Сите обиди за реформи кои му се толку потребни на словенечкото стопанство беа соборени на референдуми, па можеби падот на владата на Пахор е излез за да се направи обид повторно со нив, а со тоа да се направи и пресврт“.

Rok Kajzer
Рок Кајзер: Граѓаните во Пахор не препознаа лидер што може да ја извади земјата од кризаФотографија: DW

Кајзер, смета дека покрај овие фактори, треба да се додаде и фактот дека „граѓаните во Пахор не препознале лидер, кој е во состојба да ја извади земјата од криза“. Анкетите и‘ даваат на Словенечката демократска партија на Јанез Јанша најмногу шанси за формирање нова влада, но Кајзер предупредува дека „Јанша, исто како ХДЗ, се наоѓа под истраги за проблематично трошење пари, а и според моделот на ХДЗ, тој ги уништи можните коалициски партнери, па тешко ќе ја оствари својата најава за освојување 50+ мандати.“

Автор: Гордана Симоновиќ / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска