1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе направат ли Американците пресврт во каматите?

Андреас Ростек-Буети/Ж.А.14 септември 2015

Американската централна банка ФЕД со години ја држи основната камата на ниско ниво поради економската криза. В среда би можела да заврши ерата на лабава монетарна политика. Финансиските пазари се во напнато исчекување.

https://p.dw.com/p/1GW1w
Фотографија: AFP/Getty Images/K. Bleier

Од моментот кога финансиската криза доживеа кулминација, односно од крајот на 2008 година, Американската централна банка, Федерални резерви (ФЕД), ја држи каматната стапка на историски ниско ниво, меѓу нула и 0,25 проценти. Во овие седум години светот се промени. Но, дали на чуварите на треозорот во Вашингтон тоа им е доволно за да покренат пресврт во каматите?

Шефицата на ФЕД Џенет Јелен веќе одамна ги подготвува финансиските пазари за подигање на каматните стапки уште во текот на оваа година. Но, дали „годинава“ значи навистина во септември, како што има гласини, или сепак ќе се чека крајот на годината?

Економска поткрепа преку монетарна политика

За разлика од Европската централна банка, ФЕД нема задача само да ги држи стабилни цените и валутата, туку и да го помага и поттикнува и стопанството. Важен параметар притоа е ситуацијата на пазарот на работна сила, кој во САД последните месеци се покажа вистински робустен. Во одделни бранши расте побарувачката на работна сила, иако не континуирано, платите се зголемуваат, иако не многу, невработеноста во август изнесуваше 5,1 процент-најниска квота од април 2008 година, значи, пред вистинскиот замав на финансиската криза.

Janet Yellen FED Chefin Pressekonferenz Leitzins
Шефицата на ФЕД Џенет ЈеленФотографија: Reuters

Ниту порастот на американската економија не е лош. Годинава се очекува стопански развој од 3,2 проценти, поголем отколку прогнозите на почетокот на годината. Значи, знаците не се лоши, но дали се доволно добри?

„Главната грижа не ја предизвикува актуелната ситиација на домашната американска економија, за која знаеме дека е во добра кондиција. Многу позагрижени сме од евентуален бран проблеми од Кина и состојбата на пазарите на акции“, вели Харм Бандхолц, главен економист во банката УниКредит.

Главоболката Кина

Економијата во Кина веќе не расте толку силно како порано, а лошите конјуктурни резултати носат стравувања од крај на златните времиња, иако раководството во Пекинг се труди да шири оптимизам. Еден од симптомите е автомобилскиот пазар, најголем во светот: во 2015 година првпат по речиси две децении, е можно намалување на прометот.

Кинеското сопнување предизвикува брчки од загриженост во Вашингтон и Њујорк, како и воопшто во светските економски метрополи. Иако, уделот на извозот во брутодомашниот производ на САД е помал од 20 проценти. Две третини од економскиот пораст се во корелација со внатрешната потрошувачка, а податоците за потрошувачката во Америка не се лоши. Значи, сепак е време за промени на каматата?

Влијанието на евтините пари

Историски ниските каматни стапки требаше повторно да ја откочат конјуктурата по големата криза во 2008 година, обезбедувајќи евтини пари за инвестициите и поволни кредити за потрошувачите.

Многу голем дел од евтините пари потече во пазарите со акции, во целиот свет берзанските барометри достигнаа нови рекордни вредности. Но, овој ефект е веќе истрошен. Од пред извесно време владее „статус кво“ на Вол Стрит. Водечкиот индекс Даун Џонс веќе девет месеци варира меѓу 17500 и 18000 поени.

Наспроти тоа, поради ниските каматни стапки страдаат штедачите и осигурителните компании, проблемот е посебно голем за пензиските фондови и за пензионерите. ФЕД преку промена на каматната стапка може да предизвика подобрување на овој план. Освен тоа, така го зголемува и својот маневарски простор за монетарната политика, што не е лош мотив со цел да се биде подобро „наоружан“ за идни кризи.

Symbolbild Finanzen - Geld anlegen
Штедачите страдаат поради ниските каматиФотографија: picture alliance/dpa Themendienst/Wuestenhagen

Земјите во засилен развој загрижени, Европа во исчекување

Меѓутоа, во земјите во засилен економски развој и во неразвиените држави владее голем страв од повисоки американски каматни стапки. Тие минатите години профитираа од парите кои кај нив ги вложија големите инвеститори во потрагата по добра заработувачка. Но, многумина инвеститори брзо ќе ги повлечат своите пари уште на самата помисла за скор каматен пресврт во САД.

Курсевите на пазарите на акции се во опаѓање уште од април, конјуктурата слабее. Земјите како Бразил или Турција всушност би требало да преземат контрамерки. Но, за да не загубат уште повеќе капитал, тие се принудени да ги држат високо своите сопствени основни каматни стапки, што дополнително и‘ штети на домашната економија.

Европската централна банка, ЕЦБ, напротив, најави продолжување на својата лабава монетарна политика. Една од причините е прениската инфлација. ЕЦБ за годинава очекува пораст од само 0,1 процент во еврозоната, многу далеку од двата проценти кои се дефинираат како стабилност на цените. Значи, водечката каматна стапка на ЕЦБ и натаму ќе остане околу нулата.

Ако пораснат каматните стапки во САД, еврото уште повеќе ќе загуби на вредност во однос на доларот. Тоа им одговара на европските извозници, првенствено на германските.

„Несомнено, тоа би бил специјален конјуктурен пакет“, смета Карстен Брцески, економист во банката ИНГ-Диба.