1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе биде ли Доналд Трамп сепак запрен?

Инес Пол / ЕМФ14 јули 2016

Доналд Трамп е само неофицијално кандидат на републиканците за претседател. Официјално тоа би требало да стане на партискиот конгрес на средината од месецов. Или сепак ќе биде спречен?

https://p.dw.com/p/1JOhH
Фотографија: Reuters/J. Ernst

На номинацијата на Доналд Трамп за претседателски кандидат на републиканците всушност веќе ништо не ѝ стои на патот. Всушност. На предизборите за бизнисменот со променлива партиска книшка гласаа толку многу луѓе, што тој го има неопходното мнозинство од делегатски гласови на свое конто. И, всушност, сите делегати се обврзани да се држат до овие резултати од предизборите. Но, партијата сепак може буквално во последна минута да ги промени своите правила и во трката за влез во Белата куќа да испрати друг кандидат. Како тоа би било можно?

1. Според статутот на републиканците, пред секој партиски конгрес се состанува Комисија од 112 членови. Оваа група се состои од по една жена и еден маж од секоја сојузна држава и територија на САД. Таа утврдува по кои правила ќе биде прогласен кандидатот за претседател. Ако мнозинството во Комисијата одлучи да ги ослободи делегатите од обврската да гласаат според резултатите од предизборите и тоа да го направат според сопствена волја, тогаш сѐ е можно. Нема инстанца која би можела да ја промени ваквата одлука.

2. Ако во Комисијата нема мнозинство за ваква одлука, но најмалку 25 проценти од членовите на Комисијата се одлучиле за ослободување на делегатите од обврската да гласаат согласно ресултатите од предизборите, тогаш одлуката се префрла на партискиот конгрес. Во таков случај, 2472 делегати ќе дискутираат и гласаат дали изборите да бидат отворени. Тоа сигурно би значело валкана борба.

3. Сето ова, сепак, звучи малку поедноставно отколку што навистина е. Зашто, секоја сојузна држава има сопствени правила до кои делегатите мора да се држат. Тоа значи дека некои пратеници би морале да гласаат за Трамп и покрај тоа што би биле ослободени од обврската. Други пак, би морале да се држат до резултатите од предизборите само во првиот круг гласање, а потоа би можеле да одлучуваат слободно. Прилично компликувано и демократско-теоретски проблематично. Дури и поголемиот дел од Американците немаат сосема јасна претстава за сето ова.

4. Според сегшаните правила, околу 95 проценти од делегатите се обврзани да гласаат за оној кандидат, кој победил на предизборите во нивната изборна единица. Истовремено, мора да се знае дека делегатите се бираат во една непрегледна постапка и многу често му припаѓаат на политичкиот естаблишмент. А, нему, тешко му паѓа да го прифати Трамп за кандидат.

5. Двете големи прашања би биле: има ли алтернативна личност која би имала изгледи за успех? И, дали делегатите би биле подготвтени да ризикуваат бунт во сопствената партија за да го запрат Доналд Трамп? Зашто, се разбира, сите приврзаници на Трамп би се почувствувале изиграни ако во еден повеќемесечен процес на предизбори гласаат за некој кандидат, а потоа партијата сепак во последна минута се одлучи за некој друг.

6. На партискиот конгрес ќе се соберат 2472 делегати. Кај една таква огромна група спектарот на политички проценки е задолжително огромен. Тој се движи од убедени противници до фанатични поддржувачи на Трамп со сѐ што се наоѓа помеѓу тие два екстрема. Многу од делегатите се амбициозни млади политичари. Колку тие ќе бидат мотивирани од размислувањата за својата кариера? Дали се подготвени на гласање против одлуката на мнозинството на предизборите? Или, дали без оглед на личните последици ќе гласаат против Трамп, затоа што тој, според нив, ѝ штети на партијата?

7. На крајот, останува прашањето како и каде навистина ќе заврши стравот на републиканците ако Трамп сепак не биде избран за кандидат? Или, дали еден кандидат со име Трамп ќе биде толкав товар за републиканците, што на крајот дури може да се случи распад на партијата?

8. Непосредно пред партискиот конгрес јасно е само едно: се чини дека сѐ е можно.