1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јункер: Нема проширување на ЕУ во наредните пет години

ЕМФ/миа/дпа9 јули 2014

Идниот претседател на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер, во Европскиот Парламент изјави дека ниту една земја од Западен Балкан нема да може да влезе во ЕУ во наредните пет години.

https://p.dw.com/p/1CYZQ
Фотографија: Imago

Во обраќањето до пратениците од групата либерални и прогресивни партии во Европскиот Парламент, Жан-Клод Јункер околу шансите за приклучување на земјите од Западен Балкан во ЕУ во наредните пет години, оцени: „Не гледам која земја е подготвена да се приклучи кон ЕУ во тој период“.

Либералите го критикуваа Јункер поради ставовите за проширување на ЕУ, кои ги изнесе во својата неодамна објавена програма, каде вели дека ЕУ мора да прекине со проширувањето, додека не се консолидира и дека во текот на својот петгодишен мандат не очекува прием на нови членки.

„Не реков дека процесот на проширување треба да запре, туку само бев реален“, изјави Јункер, одговарајќи на критиките и потсети дека постојат јасни критериуми како за добивање статус на кандидат, така и за зачленување.

Тој нагласи дека земјите од Западен Балкан ја заслужуваат европската перспектива, меѓу останатото и како гаранција дека конфликтите од неодамнешното минато нема да се повторат.

„Тоа не значи дека на тие земји треба да им ветиме дека за две или три години ќе влезат во ЕУ“, изјави Јункер.

Поранешниот премиер на Луксембург вети реформи во ЕУ. „Има многу работи кои мора да се променат“, нагласи Јункер. Тој во двочасовниот разговор со европските либерали изрази подготвеност да работи на стопанскиот раст и отварањето нови работни места, но само под услов тоа да не доведе до зголемување на дефицитот и растот на инфлацијата. Јункер се заложи и за единствена европска политика во врска со имиграцијата и прифаќањето на азилантите.

Јункер денеска ќе се презентира пред пратениците на левицата, демохристијаните и противниците на ЕУ во Европскиот Парламент. За неговата номинација за претседател на ЕК европарламетарците треба да гласаат во понеделник (14.07).