1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јункер и Шулц се борат за мнозинство во ЕУ парламентот

Бернд Ригерт/ Александра Трајковска27 мај 2014

Дали Мартин Шулц е лош губитник или дали може да му ја оспори функцијата претседател на Комисијата на ЕУ на Жан Клод Јункер? Во Брисел се шпекулира, кој ќе биде наследникот на Жозе Мануел Баросо.

https://p.dw.com/p/1C7NU
Фотографија: DW/B. Riegert

Двајцата се всушност добри пријатели на европската бина: Жан Клод Јункер и Мартин Шулц. Поранешниот премиер на Луксембург и претседателот на ЕУ парламентот се познаваат со децении. „Се запознавме во темните, задни соби во кои во Брисел се носат одлуките“, со ироничен тон се шегуваше Јункер уште пред изборната кампања. Ваквата хармонија сега е минато, имено Мартин Шулц сѐ уште не се предава. Тој сака да стане претседател на Комисијата на ЕУ и покрај тоа што неговите социјалисти со 189 од 751 места во новиот Европски парламент се втора политичка сила. Јункер со конзервативиците освоија 214 места, и со тоа тој е кандидат на најсилната фракција.

Какви се мнозинствата?

Ниту еден од двајцата кандидати не може со сопствени сили да биде избран за претседател и затоа е потребна коалиција. Само со соработка на двете големи групи, тие ќе го имаат потребното мнозинство. Сите други констелации, сојузи со левичарите, либералите или зелените не се доволни. Шефот на европските социјалисти, Сергеј Станишев вчера на прес-конференција најави дека и Мартин Шулц и Жан Клод Јункер ќе се обидат да обезбедат мнозинство. „Сега ќе започнеме советувања со другите политички групи за да создадеме услови да формираме стабилно, демократско мнозинство во Европскиот парламент“.

Infografik Europawahl 2014 Sitzverteilung vorl. amtliches Endergebnis Mazedonisch

Поддршка Мартин Шулц добива од неговата матична партија СПД од Германија. Претседателот на партијата Зигмар Габриел во Берлин изјави дека конзервативците мораат да имаат понуда за социјалистите. Канцеларката Меркел, која во Германија ја предводи владината коалиција од христијано-демократите и социјалдемократите, официјално го поддржува кандидатот на конзервативците Жан Клод Јункер. „Со Жан Клод Јункер влегуваме во преговори“, вели Меркел. Денеска шефовите на држави или влади на 28-те земји членки ќе одлучуваат за распределбата на функциите, и тоа не само претседател на Комисијата на ЕУ, туку и функцијата претседател на Европскиот совет, Министерството за надворешни работи на ЕУ како и челната позиција на земјите на еврото.

Етаблираните партии мора да се одбранат од популистите

За да решат кој ќе ги извршува функциите во Брисел и на крајот да се обезбеди функционален парламент, кој може да усвојува закони, конзерватиците, социјалистите, либералите и зелените ќе мора да соработуваат, оценува Даниел Грос, шеф на Центарот за европски политички студии во Брисел. „За да се добие мнозинство, двете или четирите етаблирани партии ќе мораат да преговараат далеку од очите на јавноста, повеќе отколку досега. Тоа е неизбежно, но би можело да го зајакне впечатокот, дека целиот процес не е вистински демократски“, вели Грос за ДВ. Само на тој начин партиите би можеле да реагираат на порастот на радикалните и евроскептичните сили во парламентот. Порастот на Националниот фронт во Франција, УКИП во Велика Британија и данската Народна партија за тие земји е „катастрофа“, смета Грос. За целиот Европски парламент ваквиот развој немало големо значење. „Тоа беа пораки за националните влади, не европски пораки“.

Belgien EU Daniel Gros Pressekonferenz in Brüssel
Даниел ГросФотографија: DW/B. Riegert

Исто и водечкиот кандидат Жан Клод Јункер, кој би можел да стане идниот претседател на Комисијата на ЕУ од редовите на козервативците не гледа драматична промена на курсот. Економската политика во Франција нема да се промени поради триумфот на Националниот фронт. „Не верувам дека резултатот од изборите во Франција ќе има влијание врз политиката на консолидирање и пораст, која ја дефиниравме во изминатите години. Француската влада, многу добро знае дека буџетот на Франција мора да се санира“, вели Јункер. Се разбира штедењето не смее да биде претерано, за стопанството да не биде задушено. Даниел Грос не очекува дека десните или левите популисти навистина можеле или сакале да придвижат нешто во ЕУ паламентот. „Вообичаено тие не се грижат за деталите за една европска законска иницијатива како на пример банкарската унија. Тие сакаат дома да добијат поени и да бидат успешни“.

Gruppenbild David Cameron Francois Hollande Angela Merkel
Камерон, Оланд Меркел - шефовите на држави треба да постигнат согласност за распределабата на функциитеФотографија: picture-alliance/dpa

Можни се долги преговори

Шефот на фракцијата на либералите Ги Ферхофстат уште вечерта на изборите ги повика двете големи фракции и шефовите на држави или влади брзо да постигнат согласност. Долг процес, по кој на крајот ниту Јункер, ниту Шулц не би биле претседател на Комисијата на ЕУ би можело да биде штетно за демократијата. „Изборната кампања не беше само игра. Тоа во никој случај не смееме да го направиме со избирачите“. Претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпој денеска ќе ги води првите разговори со преставници на парламентот. Ван Ромпој, кој во ноември ќе се пензионира, уште пред три недели за Дојче веле даде прогноза: Ќе ни бидат потребни две вонредни седници во јули и можеби и во септември, за на есен да имаме решение“.