1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јоахим Рикер е нов шеф на управата на ОН за Косово – УНМИК

Јерг Пас15 август 2006

Германскиот дипломат Јоахим Рикер на 1-ви септември ќе го преземе местото на Данецот Сорен-Јесен Петерсен, кој во јуни се повлече од семејни причини

https://p.dw.com/p/AdiO
Јоахим Рикер
Јоахим РикерФотографија: UN

„Мора да се сака невозможното, за да се постигне возможното“ – оваа реченица на Вили Брант ја цитира Јоахим Рикер на својата лична интернет-страница. Тешко дека има подобра идеја-водилка за неговата идна дејност. Како шеф на преодната управа, тој треба досегашната српска покраина да ја подготви за автономија, иако воопшто не е познато како таа ќе изгледа. Досегашните преговори меѓу Белград и Приштина не донесоа никакво приближување на ставовите.

55-годишниот Рикер знае што го очекува, оти тој е по налог на ОН веќе една ипол година на Косово како надлежен за економската обнова. „Кога започнав со таа работа имаше некои гласови во таа насока дека Косово е црна јама, таму ништо не оди, ’мишн импосибл‘ е таму економијата да се постави на вистинска основа и да се поттикне. Не верував во ништо од тоа и сега, по една ипол година, можам да кажам: ништо од тоа, што беше велено, не е точно“ – вели Рикер.

По осум години како градоначалник на Зинделфинген, по искуството како финансиски експерт на меѓународната заедница во Босна и две години служба во германското Министерство за надворешни работи – кои, вели, му биле премногу мирни – на Косово, се чини, најде соодветен предизвик. Појдовната позиција е екстремно тешка: покраината и натаму зависи од странската помош, инвестиции за иднината нема, а секој втор Косовар е невработен.

Но, Рикер е самоуверен: „Мислам дека токму ова младо население – Косово има највисока стапка на наталитет во Европа – всушност претставува многу добра актива за економијата. Многумина се многу мотивирани, владее силен претприемнички дух, голема решеност за самостојно работење, за основање свој бизнис. На друга страна, луѓето зборуваат повеќе јазици, биле во странство, виделе и нешто друго. Мислам дека овде не е без потенцијал“.

Општо се смета дека Рикер би можел да биде последниот шеф на УНМИК, оти и покрај сите потешкотии, уште во текот на годинава би требало да биде најдено решение за дефинитивниот статус на Косово.