ЈИЕ се обединува во единствена слобдона трговска зона
19 декември 2006Свој потпис на договорот за слободна трговска зона ЦЕФТА денеска во Букурешт, ставија претставници на Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, УНМИК во име на Косово и Бугарија и Романија. Проширената ЦЕФТА треба да профункционира следното лето, а со неа се предвидува укинување на извозните субвенции меѓу сите земји од регионот, поголема либерализација и вклучување на нови области – јавни набавки, услуги, инвестиции и заштита на интелектуалната сопственост. Земјите членки очекуваат со ЦЕФТА да се зголеми и регионалната соработка и нивото на странски инвестиции. ЦЕФТА ги обединува досегашните 31 билатерелен договор за слободна трговија меѓу земјите од регионот и го поедноставува и модернизира процесот на трговска соработка. За еврокомесарот за проширување Оли Рен кој исто така е во Букурешт, ЦЕФТА е патот кој води во ЕУ.:
„Ова е договор кој покажува дека ако има воља има и начин. И новата ЦЕФТА е важна и поради економските бенефити за земјите и граѓаните од регионот но и дека покажува оти земјите можат да работата заедно и да ја развиваат регионалната соработка. Ова е пријатен божиќен подарок и одлична вест за регионот и ЕУ”.
И за координаторот за Пактот за Стабилност ова е историски договор. Бусек за Дојче Веле изјави: „Ова е историски настан, при што јас не би сакал да се расфрлам со тој термин. Историски е поради тоа што се работи за многу модерен договор кој ги опфаќа не само досегашните спогодби за намалување на трговските бариери туку и услужните дејности и интелектуалната сопственост. Освен тоа изработен е и строг и фер механизам во однос на споровите и проблемите така што со овој договор навистина дојдовме за еден чекор поблиску до заедничкиот пазар на ЕУ.
И Македонија има големи очекувања од новиот договор. Според вицепремиерот Зоран Ставревски кој беше македонскиот потписник на договорот: „Регионот се обврза на отвореност и фер трговија, што ќе води кон интензивирање на регионалната трговска соработка. Тој ќе испрати и јасен сигнал до потенцијалните инвестотори. А како што се покажа и до сега ЦЕФТА е одлична алатка која им помога на земјите да се прилагодат кон единствен пазар кој е еден од предусловите за членство во ЕУ. Тоа е и крајната цел на сите потписнички, ”рече Ставревски.
Бугарија и Романија ја напуштаат ЦЕФТА на 1 јануари поради зачленувањето во ЕУ.