1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штрук: НАТО во Ирак - решение дури во 2005. Бремер: предавање на власта во рокот, време за избори нема

16 февруари 2004
https://p.dw.com/p/AdIz
Германскиот министер за одбрана Петер Штрук смета дека уште долго време нема да бидат исполнети предусловите за евентуален ангажман на НАТО во Ирак. Решение можеби ќе може да биде донесено дури наредната година, оцени Штрук за весникот "Франкфуртер Рундшау". Министерот предупреди и од преценување на можностите на Алијансата - НАТО, според него, не ќе може да ги замени по обем, на пример, ни трупите што сега во Ирак ги има Полска. Штрук уште вели дека не можел да констатира ни голема готовност кај партнерите во Алијансата за испраќање трупи. Предуслов за ангажман на НАТО е помош да побара легитимна ирачка влада. А САД опстојуваат врз 30-ти јуни како ден за предавање на власта во земјата во рацете на Ирачаните. Американците не исклучуваат ни можност изборите, предвидени за почетокот на 2005-та година, да се одржат некоја недела порано. Американскиот цивлиен управник за Ирак Пол Бремер во телевизиско интервју изјави: "Наша интенција е, како што рече и претседателот, да го вратиме суверенитетот до 30-ти јуни. Тоа го договоривме со Ирачаните и имаме намера и да го спроведеме. Но, очигледно, и натаму имаме безбедносни проблеми. Свесни сме за тоа. Па сепак, остануваме на определбата за враќање на суверенитетот - во таа насока работат сега и ОН, и ние работиме во таа насока, а и Ирачаните исто така". Според Бремер, САД сега го чекаат извештајот на ОН и предлозите за текот на предавањето на власта. Тој и натаму смета дека не се можни избори до 30-ти јуни. "Сметам дека постои општа согласност оти нема време за одржување избори во временската рамка до јуни. Сметам дека таков ќе биде и заклучокот на ОН". Инаку, Ирак и соседите вчера договорија построга контрола на границите за да се спречи навлегување на борци од странство. За тоа треба да бидат формирани билатерални комисии со соседите на Ирак. Учесниците на средбата во Кувајт нагласија дека ОН треба да имаат носечка улога и да помогнат да се создадат предуслови за повлекување на окупационите трупи. Во Шпанија, пак, вчера десетици илјади луѓе во Мадрид, Барселона, Севилја и Валенсија протестираа барајќи од владата да ги повлече 1300-те шпански војници од Ирак, а од САД да ја прекинат окупацијата на таа земја.