1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штрук во Приштина: "Не гледам улога за НАТО во Ирак"

5 декември 2003
https://p.dw.com/p/AdN2
Германскиот министер за одбрана Петер Штрук се изјасни против учество на НАТО во кризата во Ирак: "Не гледам улога за НАТО во Ирак", рече тој денеска во Приштина. Штрук истовремено се искажа против повлекување на германскиот контингент од меѓународните мировни трупи Кфор. Германските и војниците на НАТО ќе останат на Косово "онолку долго, колку што ќе биде нужно", рече министерот за одбрана пред претставниците на печатот во Приштина при посетата на Главниот штаб на Кфор. Присуството на Кфор придонесе за смирување на ситуацијата во јужносрпската покраина, но се' уште владее голема затегнатост меѓу албанското мнозинство и српското и другите малцинства, оцени Штрук. Извештаите што тој ги добил "ја оправдуваат надежта дека за Косово има добра перспектива", рече министерот, кој за ситуацијата беше информиран од командантот на Кфор Холгер Камерхоф. Германскиот генерал притоа предупреди од пребрзо намалување на трупите, кои сега бројат 19 илјади војници од 34 земји; 3350 од нив се Германци. Предизборната борба што ќе започне наредното лето од сите политички партии, освен од претставниците на Србите, ќе се води со барање за независност на Косово, што во секое време може да доведе до затегнатост и безредија, оцени Камерхоф. Според него, негативно влијание може да има и исходот на изборите во Србија и Црна Гора. Ситуацијата во моментов е мирна, но меѓуетнички конфликти можат во секој момент повторно да избијат. Поради тоа, ризикот мора да остане во секое време пресметлив, оцени генералот.
Министерот Штрук престојуваше и меѓу германските војници во нивната база во Призрен. Тој се запозна и со програмите за враќање на бегалците и го посети селото Новаке, кое Србите го напуштија пред четири ипол години од страв од НАТО, а Албанците го ограбија и разорија. Штрук на Косово дојде по вчерашниот престој во Албанија. На средбите во Тирана, според албански владини извори, побарал од претседателот Алфред Мојсиу и премиерот Фатос Нано засилена борба против организираниот криминал. Тој и' ветил на земјата натамошна поддршка на патот кон членство во НАТО и ЕУ. На соговорниците им навестил продолжување на воената соработка, во што спаѓа и востановување академија на албанските оружени сили. Во изминатите 9 години околу 900 албански офицери беа на образование во Бундесверот. Во рамките на единиците од контингентот на Бундесверот во Сфор во Босна се наоѓа и единица на албанската армија. Штрук утре, на крајот од тридневното патување на Балканот, ќе ја посети Босна, каде ќе разговара со политичкото раководство на таа земја, а ќе престојува и меѓу германските војници во базата во Рајловац.