1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штратеншулте: Македонија е во право, но компромис мора да се направи!

Силвера Падори-Кленке14 ноември 2014

Проф. д-р Екарт Д. Штратеншулте, раководител на Европската Академија Берлин, професор за европски интеграции на Слободниот Универзитет-Берлин и пријател на Македонија, за ДВ говори за спорот со името и можната разврска.

https://p.dw.com/p/1Dmks
Фотографија: DW/S.Padori-Klenke

ДВ: Господине Штратеншулте, Вие добро ја познавате Македонија и спорот со името чие решавање и по завчерашните разговори во Њујорк, покажа дека земјата е во ќорсокак. Дали гледате разврска или Македонија на неопределен рок ќе остане блокирана од Грција и надвор од ЕУ?

Штратеншулте: Ситуацијата е тешка. Европските партнери се плашат да притиснат врз Грција, која е во фрагилна состојба, зашто тоа би довело до дополнителни нарушувања. Од друга страна, имам впечаток дека и позицијата на Македонија станува потврда, што доведе во меѓувреме и Бугарија да покаже воздржаност за почетокот на пристапните преговори. Поради ова, на пример, македонската страна е добро советувана, ситуцијата да ја деескалира, а не ескалира! Конечно, без разлика дали се смета дека тоа е правилно или не, ситуацијата е таква што Грција е внатре, а Македонија е надвор од ЕУ, што значи Македонија е во полоша ситуација.

По децении разговори без резултат кои ги води медијаторот Нимиц, не е ли потребно промена на модалитетот на преговорите?

Разговорите може да се водат во различни формати. Но, на крајот е решавачки дали има волја да се постигне договор или не. Доколку има волја за решение, сеедно е дали преговорите се водат во Скопје или Атина, сеедно со или без ЕУ, со или без САД, сето ова е секундарно. Она што сега е потребно е волјата од двете страни да се договорат. Ако ја нема оваа волја, решеност, форматите на разговор може да се променат, но секогаш ќе има ист резултат.

Искуството од пред две години покажа дека посредништвото на високиот претставник на ЕУ лејди Ештон, донесе пробив во односите меѓу Србија и Косово. Не е ли можно вакво посредништво да се примени и врз Македонија од новата шефица за надворешна политика Могерини и новиот комесар Хан?

Лејди Ештон своевремено го поддржа процесот меѓу Србија и Косово. Но разликата меѓу Македонија и Грција е што во случајот на Србија и Косово станува збор за две држави кои имаа интерес да ги подобрат односите со ЕУ, поради што развија волја да дојде до делумен договор. Во случајот, Европската Унија сигурно одигра позитивна улога, но базата, основата беше што на двете страни имаше позотивна волја да се договорат. Ситуацијата со Македонија е во оваа смисла различна. На Грција не може да и‘ се понуди стимулација како што беше случај со Србија. Грција е дел Унијата, Грција во ЕУ има полноправен глас, значи не може ништо да и‘ се понуди за да ги подобри односите со Македонија. Би можела да се стави под притисок, можеби индиректно, преку финансиски притисок, но никој не сака да и‘ наштети на еврозоната.

Можели Германија да и помогне на Македонија за решение на спорот?

На неодамнешната конференција (за Западен Балкан, н.з.) сојузниот министер Штајнмајер кажа дека има неформални контакти, има и неформални влијанија врз Грција. Колкави се не можам да проценам, зашто работите се неформални! Меѓутоа сигурно дека Германија, исто како останатите партнери од ЕУ, може да делуваат врз Грција, во смисла да побараат Грција да направи исчекор кон Македонија. Но без разлика дали ова е правилно или не, нема да е можно без исчекор и на Македонија кон Грција.

Како гледате на идејата на некои германски парламентарци кои сметаат дека спорот за името треба да се решава во Советот на Европа?

Искрено кажано ваквите идеи ги сметам за бесмислени. Мора да се најде решение со кое сите мора да живеат. Сметам дека кај двете страни нема доволна подготвеност за прифаќање на една разврска. А тоа би бил предусловот. Мора да е возможно за ова прашање во регионот да се постигне договор. Прифаќање ќе има само кога двете страни на народот ќе му кажат: без разлика какво ќе е решението - ние го прифаќаме. Ова го сметам за игра!

Сто триесет и три држави ја признаа Македонија под уставното име. Дали е реално разврската за спорот со името повторно да се решава во Обединетите нации, каде Македонија би побарала изјаснување на земјите членки за прифаќање на земјата под уставното име?

Токму ова е она што го мислев. Со вакво нешто само ќе се долева масло на огнот. Нема ништо да донесе, зашто сосема е сеедно под кое име Македонија ја признаваат Нигерија или Никарагва. Решавачко е како натаму ќе тече развојот во однос кон Европската унија. Може сега да се каже дека со ова ќе има уште еден обид Грција повторно да биде провоцирана, што подразбира уште поголемо заострување на односите. Затоа, мој предлог би бил да нема вакви надмудрувања, да нема вакви надигрувања и наместо тоа силите вистински да се насочат да се дојде до заедничко решение. Но, иако лично стопроцентно сметам дека Македонија во конкретниот случај е во право, компромис ќе мора да се направи. Така функционира политиката. Се‘ останато што претставува провокација, на пример поставување уште на пет скулптури на Александар Велики или именување на улици, не води кон напредок, туку кон тоа Македонија и натаму да остане заглавена во сопственатата „каша“. И поради тоа развојот не е позитивен, што впрочем јасно е наведено и од Европската комисија во годишниот извештај за напредокот на земјата.

Проф. д-р Екарт Д. Штратеншулте е раководител на Европската Академија Берлин и професор за европските интеграции на Слободниот Универзитет-Берлин