1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ќе донесе независноста на Косово?

18 февруари 2008

Германскиот печат различно ја коментира еднострано прогласената независнос на Косово. За едни тоа е единствениот исправен пат, други предупредуваат.

https://p.dw.com/p/D9HS
Албанското и новото знаме на КосовоФотографија: picture-alliance/ dpa

Франкфуртер алгемајне цајтунг пишува: „Решението за еднострано прогласена независност на Косоварите донесено во тесен договор со важните западни влади е впрочем второто најдобро решение, но и единствениот исправан пат. Барањата на специјалниот пратеник Ахтисари, значи и без мандат на ОН станаа закон. Но, Европската унија не може да се извлече од одговорноста за овој регион во средиштето на Европа. Само шансите за членство во ЕУ и на новата држава, но и на Србија нудат перспектива за иднината, затоа што со тое се поврзани и ветувањата за голема помош, така што новоформираните граници на тој начин ќе го загубат своето значење“, констатира Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Во написот во весникот Ди Велт посветен на Косово се вели: „На државата која како Србија води војна против дел од своите граѓани, може да и се оспори моралното право да владее со нив. Она што важи за Србија, исто така важи и за новото Косово. Неговите граѓани сега мора да докажат дека заслужиле да имаат сопствена држава. За лакмусов тест ќе се смета и тоа како мнозинството ќе се однесува со сопственото малцинство и како ќе се заштити српското културно богаство“, смета Ди Велт.


Бадише цајтунг коментира: „Славеничките слики не би требала никого да залажуваат. Радоста за новата држава не беше претерана. Премногу крв се пролеа откога Косоварите во јули 1990 првпат ја прогласија покраината за независна. Сега конечно остварената независност одвај заслужува да се нарече така. Уставот, знамето, грбот па дури и денот на прогласувањето на независност на Косовците им беа одредени од Западот. Она што се слави како раѓање на новата држава, тешко дека е нешто повеќе од уште еден европски полупротекторат на Балканот“, констатира весникот од Фрајбург.


Визбаденер куриер предупредува: „Како што сака иронијата, Европејците со тоа што поуспешно го поддржуваат просперитетно и стабилно Косово, се повеќе ќе поттикнат и други сепаратисти да го следат овој пример. Раководствоство во соседна Македонија, со оглед на славјето на албанското малцинство со Косоварите, може да стравува од најлошото. Портата се отвара за ново утврдување на граници на Балканот, како на пример во вештачката државна творба Босна и Херцеговина“, смета Визбаденер куриер.


Слично смета и коментаторот на Лајпцигер фолксцајтунг кој прашува:„Ако волјата на Косоварите за независност е урнек, зошто тогаш не важела за Курдите? Зошто на Косоварите им се дозволува она што на Палестинците, Северните Ирци и жителите на турскиот дел на Кипар им се оспорува? И врз која основа ЕУ му се спротивставува на отцепувањето на Абхазија од Грузија“, прашува Лајпцигер фолксцајтунг.


Вестфалише анцајгер пак смета дека сега Европејците се исправени пред голема задача. „Косовските Албанци нема да може само со оптимизам да изградат функционална држава. Тие ќе зависат од помошта на ЕУ. Може само да се надеваме дека новата мисија ЕУЛЕКС ќе работи успешно. Шансата за тоа постои“, заклучува Вестфалише анцајгер.