1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што се случува на Балканот?

2 ноември 2016

Балканот е разбрануван од теории за заговор, пронајдено оружје и купишта гласини за напади. Дали се заканува повторно вооружено насилство?

https://p.dw.com/p/2S26a
Serbien Premierminister Aleksandar Vucic
Фотографија: picture alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Српскиот премиер Александар Вучиќ денеска неоправдано отсуствува од своето работно место во Белград. Најтиражниот весник „Блиц“ зборува за „досега невиден настан“ и тоа го доведува во врска со сомневањата за напади врз семоќниот врвен политичар на оваа балканска држава. Вчеравечер во населбата Нов Белград е повторно откриен магацин со оружје. Пронајдени се автоматско оружје и експлозив. За време на викендот, во близина на домот на Вучиќ, властите налетаа на противоклопен ракетен фрлач - зоља, рачни гранати и муниција.

Запалени луксузни автомобили на водечки претприемачи, како последните денови во Хрватска, или напади против мафијашки босови поради борба околу распределба на територии на дејствување, во државите наследнички на поранешна Југославија се нешто вообичаено. Околу тоа веќе не се возбудува никој. Но, најновите случувања имаат поголема тежина, едногласни се сите домашни набљудувачи. Зашто никој друг, туку српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ лично, ја информираше вчудовидената јавност дека околу куќата на Вучиќ се идентификувани 97 лица кои се категоризирани како „безбедносно релевантни лица од висок ранг“. Тоа е „многу невообичаено“, оцени министерот.

Montenegro Verhaftung in Podgorica
Апсење во Подгорица на денот на изборите поради сомневање за планиран пучФотографија: Reuters/S. Vasiljevic

Пред две недели во соседна Црна Гора беше уапсен поранешниот српски полициски генерал Братислав Дикиќ. Владата во Подгорица тврди дека тој со група Срби планирал вооружен пуч за време на парламентарните избори во земјата. Подоцна во Србија беа откриени и други осомничени соучесници. Белград, според медиумски извештаи, протера повеќе руски државјани кои наводно се вмешани во плановите за пуч во Црна Гора. Премиерот Мило Ѓукановиќ, кој доминира веќе четврт век, е трн во окото на Русија поради стремежите за членство во НАТО и ЕУ.

Српскиот премиер индиректно го потврди протерувањето, без да наведе детали. Руското Министерство за надворешни работи стриктно демантираше дека се протерани Руси.

Утре на српските аеродроми почнува воена вежба со белоруски и руски единици. НАТО, пак, во Црна Гора вежба со својата нова членка. „Русите и НАТО очи в очи на српската граница“, објави на насловната страница „Блиц“ денеска. Шпекулациите околу тоа кој наводно сака да го отстрани Вучиќ, а кој Ѓукановиќ, се шират и множат со неверојатна брзина. Српскиот министер за труд Александар Вулин, кој важи за гласноворник на шефот на владата, денеска во врска со пронајденото оружје дури индиректно направи поврзница со американската амбасада во Белград. Наспроти тоа, опозицијата претпоставува дека сето ова е масло на владата. „Лош криминален филм“, оцени Зоран Живковиќ, еден од лидерите на опозицијата.