1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер бара поголем респект од САД

ЕМФ/ард11 јули 2014

Германскиот министер за надворешни работи Штајнмајер по најновите случаи на шпионажа, побара поголем респект од страна на САД. „Оваа соработка треба да се потпира не само на доверба, туку и на меѓусебна почит“, рече тој.

https://p.dw.com/p/1CbBb
Фотографија: picture-alliance/AP Photo

Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер е против прекинување на соработката со САД. „Би било илузорно да се верува дека е можно релаксирање на конфликтите и создавање политички решенија без тесна соработка со САД“, изјави тој, додавајќи: „Нема алтернатива за нашето пријателство со САД“.

Штајнмајер им понуди на САД подобрување на односите, но предуслов за тоа мора да биде искреноста. „Сакаме одново да го заживееме нашето партнерство, нашето пријателство врз искрена основа“, изјави министерот во Берлин. Тој подвлече: „Ние сме за тоа во секој случај подготвени!“. Штајнмајер рече дека тоа ќе му го каже и на својот американски колега Џон Кери во текот на претстојниот викенд во Виена, каде треба да се одржат преговорите околу атомската програма на Иран.

Тоа би биле први директни разговори меѓу претставници на Германија и на САД откако германската Влада вчера го протера шефот на американските тајни служби во Германија. Канцеларката Ангела Меркел во врска со овој случај се‘ уште не разговарала со американскиот претседател Барак Обама. Телефонски разговор не е ни планиран, изјави портпаролот на Владата, Штефен Зајберт.

Протерување дипломати на пријателски држави е невообичаена постапка. Штајнмајер рече дека овој чекор бил неизбежна последица по кршењето на довербата.