1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнамјер: „Многу нешта зборуваат за тоа дека ќе има декларација за независност на Косово“

30 јануари 2008

Во интервјуто на неделата го пренесуваме разговорот на германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер за програмата на Дојчланд функ.

https://p.dw.com/p/CzDm
Германија знае како ќе постапи ако Косово прогласи независностФотографија: AP

Господине Штајнмајер, во надворешната политика никогаш не е здодевно. Косовскиот премиер Хашим Тачи во четвртокот во Брисел најави, како што самиот го нарече „убаво изненадување“. Имено, скорешно соопштување на датумот на независноста на Косово за што, како што рече, согласност била постигната меѓу Косоварите, Американците и Европејците. Можете ли да го потврдите тоа?

Штајнмаер: Косово и идниот државно - правен статус на Косово е, така да се каже, последниот останат проблем по распадот на поранешна Југославија. Сосема е јасно и по последните избори што се одржаа таму, дека одговорните не се откажаа од амбицијата да подготват самостојна иднина за Косово. Во моментов сум мошне задоволен што господинот Тачи и неговата влада во никој случај нема да преземат непромислени активности и што досега се придржуваат кон тоа дека таквиот датум ќе го соопштат во договор со меѓународната заедница. Тоа е добро и затоа што во моментов во Србија имаме непрегледна ситуација – се наоѓаме во фаза меѓу два изборни круга за избор на нов претседател во која Србите треба да решат меѓу сегашниот претседател Тадиќ кој сосема јасно е ориентиран кон Европа и еден националистички кандидат Николиќ кој, според мене, е ориентиран кон не сосема реалистичка иднина на Србија. Повеќе се потпира врз руската поддршка и кон српското минато кое не може да се врати.

Без оглед каков ќе биде исходот на српските претседателски избори на 3 февруари. Оној што останува на функција е српскиот премиер Коштуница кој од Европската унија скоро ултимативно побара да решат меѓу европската цивилна мисија на Косово или договор за стабилизација и асоцијација. Каков е вашиот коментар?

Најнапред да кажам дека господин Коштуница дејствува така како да му е сеедно од досегашниот развој. Токму спротивното е случај. Скоро десет години ние ја носиме одговорноста за стабилноста, за тоа да не се случува насилство на Западен Балкан, подеднакво и на Косово: делумно преку активностите на Обединетите нации, но секогаш поддржани од Европската унија. Сега се поставува истото прашање: дали Европската унија може да се воздржи пред задачите што стојат пред нас?

А, дали може?

Мислам не. Станува збор за регион кој не е некој далечен конфликтен регион во светот, туку за регион кој се уште го одбележува нестабиланост, при што не се исклучува можноста од враќање на насилството и кој исто така, се наоѓа во непосредното соседство на европските граници. Затоа имаме голема одговорност и никаква дилема дали таму да инвестираме за повеќе безбедност и стабилност. Тоа мораме да го правиме и во рамките на нашиот ангажман во Обединетите нации. Јас сум сигурен дека и преку сопствена европска цивилна мисија можеме да помогнеме на Косово да се изградат сигурни државни структури и решени сме тоа да го направиме. Патем и оние меѓу 27-те членки на Европската унија што имаат проблеми со можната независност на Косово, сите 27 во декември на самитот изјавија дека сакаат да партиципираат во европската мисија.

Спомнавте дека членките на Европската унија не се сосема единствени во врска со признавањето на евентуална независност на Косово. Каков е ставот на сојузната влада?

Мислам дека добро направивме што во минатото не поставуваме никакви хипотетични прашања и што во практиката, за разлика од некои други, со јавни изјави не нелававме масло на огинот. Се разбира, се подготвуваме за една ситуација и секако знаеме како ќе се однеусваме во таква ситуација. Договорно решение меѓу Косово и Србија би било најдоброто и вистинското. Но, ако тоа не се случи, бидејќи обете страни не се подготвени да ги надминат преостанатите разлики, тогаш веќе нема да бидеме во состојба да се држиме кон минатото, туку ќе мораме да се однесуваме според она што сега се случува. Јас не можам да исклучам, а многу нешта зборуваат за тоа, дека ќе имаме декларација за независност од Косово.

Со признавање од страна на Германија?

Јас реков. Ние сме подготвени за тоа. Ние немаме илузии, знаеме дека решенијата на кои се надевавме од преговорите, не се случија и нема да се случат. Затоа ние кон таквата деклрација за независност ќе се однесуваме така како големото мнозинство земји членки на Европската унија.

Како што може да се слушне, тие тендираат кон признавање?

Јас се однесувам воздржано не затоа што не знам што ќе направиме ние, туку затоа што со оглед на ситуацијата во Србија во моментов, не сакаме натаму да ги отежнуваме работите отколку што е потребно. Затоа ве молам за разбирање што не сакам ништо да најавам. Меѓутоа, можам да ве уверам дека ние знаеме што треба да се направи.

Следниот проблемски случај за меѓународната политика во оваа година останува Авганистан каде што безбедносната ситуација не е лесна, туку можеби и потешка. Врз таа основа треба да се очекува барањето на НАТО до Германија да ги преземе задачите на силите за брза реакција што досега во сверните региони ги имаа Норвежаните. На тој начин во Авганистан за првпат ќе постои чиста воена единица на Бундесверот. Дали германската јавност веќе сега не треба да се подготви дека таму ќе има и загинати ранети германски војници и тоа во отворени борби со Талибанците?

Прво, вие имате право дека развојот на безбедносната ситуација во Авганистан не е таква каква што посакуваме. Јас не им припаѓам на оние што во минатото или денес би го редуцирале германскиот ангажман на градење училишта или бунари. Токму со поглед кон минатата година, јас укажав дека нашиот ангажман секогаш беше двоен и тоа од почетокот. Имено, со германските војници да се вопостават услови во кои воопшто ќе биде можна обновата во таа земја. Кога тоа го велам, тоа значи дека ми е сосема јасно оти мораме да прифатиме дека мисијата на Бундесверот не е таква, ниту е насочена кон тоа да остане таму. Ние не сакаме да бидеме окупациона сила. Меѓутоа, тоа е и мисија која помага во подобрувањето на безбедносната ситуација, а тоа значи во случај на нужда и употреба на оружје. Тоа е задача повеќе, но според мене, воопшто не е квалитативно поразлична од нашиот досегашен ангажман кој, од друга страна, ја има поволноста од буџетските одлуки во парламентот за оваа и за наредната година: да можеме повеќе да направиме за цивилната обнова и за тоа имаме значително повеќе средства на располагање. И како последно: ние заедно со Франција вложуваме напори во наредните месеци – во мај или јуни – на меѓународна конференција уште еднаш да направиме оценка каде сме, каде уште треба да ги засилиме напорите и што уште можат да направат одделни држави. Тоа е неопходно и тоа ќе го направиме задно со другите.

Следново прашање мора да се постави. Каква земја всушност поддржуваме ние на Хиндукуш?

Ние сакаме да се создаде демократска држава која веројатно нема да тргне по истиот пат како демократиите во Европа, но од која очекуваме и мораме да очекуваме дека ќе го почитува минимумот од договорените правила на Обединетите нации. Засега мислам дека тоа не е случај.

Сега сте и вице-канцелар. Што можете да кажете за работата со канцеларката Ангела Меркел?

Ние немаме некое големо искуство во односот канцеларка и вице-канцелар. Би можел да кажам вака: можно е некои работи да имаат врска со изборната битка што стана видливо во последно време. Меѓутоа, според мене, ситуацијата во средината на легислативниот период се промени и тоа е природно. Мојот претходник како вице-канцелар Франц Минтеферинг го стартуваше, така да се каже, медениот месец. Сегашната битка за покраинските избори создава едни или други тешкотии. Но, за мене можете да бидете сигурни дека ќе се вратам кон работата потребна за големата коалиција.

Како би го опишале работниот однос со Ангела Меркел?

Мислам дека и покрај впечатокот на некои во јавноста, имаме добар работен однос. Мислам дека постои доволен степен на доверба. А, кога велам добри работни односи, мислам на тоа дека се среќаваме и во четири очи и го кажуваме она што мора да се каже, при што не се пречекорува таканаречената црвена линија.

Често изјавувате дека според Вас, шефот на социјалдемократската партија Курт Бек е најдобриот партиски кандидат за канцелар за наредните парламентарни избори. Меѓутоа, според анкетите, вие сте најпопуларниот во јавноста. Дури еден весник неодамна напиша дека Вие сте во моментов најмоќниот човек во Германија. Како излегувате на крај со тоа?

Сметам дека никој нема да ми верува кога велам дека се лутам на добрите анкети. Секако, добрите повеќе ми годат од лошите, но колку што се сеќавам, во изминатите две години имаше и лоши. Што значи тоа? Кога анкетите се добри јас не претерувам и се насочувам кон тоа дека можат да се променат кон негативни. Патем, јас останувам на мојот одговор дека не решаваат актуелните анкети, туку јас вистина мислам дека Курт Бек е вистинскиот кандидат. И ќе го поддржувам на неговиот пат кон таа функција.