„Шри Ланка беше лесна цел“
24 април 2019ДВ: Одговорноста за серијата напади во Шри Ланка во меѓувреме ја презеде „Исламска држава“. Дали е тоа веродостојно?
С. Шретер: Да. Владата во Коломбо првично соопшти дека зад нападите стои мала исламистичка група со име „Нешнл Тохит Џамат“. Но, на секој експерт му беше јасно дека тоа во принцип е бесмислица. Една таква група тешко би била во состојба да изврши напади од такви размери, за тоа е потребно прецизно планирање, опрема, организација, знаење и уште многу работи.Атентатите веднаш нѐ потсетија на големите напади какви што ни се познати од Мумбаи и Париз. Воопшто, се стекнува впечаток дека владата се обиде да каже било што, зашто очигледно не знае многу.
Нападите се изведени во хотели и во цркви на Велигден. Зошто токму во Шри Ланка?
Христијаните во Шри Ланка во суштина никогаш не биле група, која политички гледано, била во центарот на вниманието. Атентаторите не мораа да се надоврзуваат на никаква историја на судири на муслиманите и христијаните во Шри Ланка. Такво нешто во Шри Ланка не постои. Затоа е вистински необично она што се случи таму. Мислам дека вистинска причина е што стануваше збор за лесна мета. Безбедносните служби очигледно не биле посебно добро опремени или претпазливи, иако наводно постоело предупредување.Целта на терористите била со стравична бруталност, на симболички места и во симболичко време да произведат најголем можен меѓународен ефект. Тоа и беше направено. Пораката беше: можете да нѐ исфрлите со меѓународни воени сили од Сирија и од Ирак, но ние уште не сме совладани. Уште сме моќни! Мислам дека тоа беше пораката.
Во последните години има сѐ повеќе напади и насилни судири со џихадистичка заднина во јужна и југоисточна Азија. Дали станува збор за преместување на тежиштето од Блиски Исток на други региони?
Тоа секако се случува. Тоа е голема опасност на која моментно сите земји, не само во Азија, би требало да бидат подготвени. „Исламска држава“ (ИД) во голем дел е совладана во Сирија и во Ирак, а тоа значи дека мноумина кои ѝ се имаа приклучено, сега се враќаат. Тие луѓе сега се обидуваат да изведат напади во своите матични земји или на други места и сакаат да покажат: уште сме тука. ИД и Ал Каида се крупни меѓународни организации кои дејствуваат транснационално, кои без проблеми преминуваат граници и оружје, луѓе и пари можат да транспортираат преку половина свет. Тоа се луѓе на кои теророт, така да се каже, им е деловен модел и кои на таков начин заработуваат за живот.
Мора да се очекува дека тие ќе изведуваат напади, пред сѐ онаму каде безбедносните органи не се спремни на такви напади.
Колку добро е вмрежена исламистичката сцена во Азија?
Од една страна, во целокупното џихадистичко опкружување секогаш наново постојат конкуренција и поделби. Едноставно затоа што различни водачи имаат различни мислења и секој од нив мобилизира свои следбеници. Но, исто така сѐ почести се и случаите на нивно поврзување. Целата сцена е многу подвижна. Главен проблем е што секаде во јужна и југоисточна Азија постојат џихадистички структури со интернационални искуства. Сите оние кои заедно се бореле во Сирија имаат добри врски и ги одржуваат и по враќањето во своите матични земји, а крајно се мотивирани.
Во зависност од тоа каде се изведуваат напади, се наведуваат и некои посебни образложенија, но крајно не станува збор за поединечен случај, туку во самоуверувањето дека силата постои и натаму, и покрај меѓународните операции против ИД во Сирија и во Ирак.
Колку добро јужна и југоисточна Азија е подготвена на вакви предизвици? Дали постои транснационална соработка во борбата против тероризмот?
Тоа е многу различно. Постојат транснационални соработки во борбата против тероризмот, но првенствено таму каде постои најголема опасност и каде за соработката се залагаат владите. Тоа зависи и од спремноста на службите да соработуваат со странски влади или тајни служби. Шри Ланка секако не работела на тоа, досега немало потреба. Доколку навистина станувало збор за празнина во која сега се уфрлиле терористите.
Сузане Шретер е директорка на франкфуртскиот истражувачки центар „Глобален ислам" (FFGI).