1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шлаканица за Порошенко

Бернд Јохан
1 април 2019

Комичарот Зеленски е во јасно водство по изборите во Украина. Првиот круг во принцип беше гласање од протест, а не „за“. Во вториот круг луѓето ќе размислат убаво кое име ќе го заокружат, смета Бернд Јохан.

https://p.dw.com/p/3G0gT
Ukraine Präsidentschaftswahl 2019 | Petro Poroschenko, Präsident
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/E. Lukatsky

Изборите се срцето на една демократија. Избирачите одлучуваат за тоа кој треба да им ја води земјата, а кој не. Овој избор е понекогаш тежок. Тоа е сега така во Украина. По првиот круг претседателски избори води еден професионален комичар и телевизиска ѕвезда - Владимир Селенски. Тој доби речиси двојно повеќе гласови од актуелниот претседател Петро Порошенко, кој сега поради ова мора уште три недели да стравува за својот реизбор.

Резултатите се тешка шлаканица за Порошенко. Пред пет години тој лесно победи уште во првиот круг. Денес речиси нема ни трага од ваквото расположение. Премногу големо е разочарувањето во Украина од неговата политика. Не ги спроведе сите најавени реформи. Некои од нив се заглавени, како што е борбата против корупцијата. Исто така не е завршена ниту војната со Русија во Донбас. И пред сѐ: животниот стандард во Украина е еден од најниските во Европа. Од друга страна, работата им врви само на најбогатите украински бизнисмени и таканаречени олигарси чии конта само се зголемуваат. Порошенко тоа им го дозволува. Но тој е еден. И сега си ја доби сметката за тоа. Па сепак, останува во трката.

Johann Bernd Kommentarbild App
Бернд Јохан

Желба за нови генерации политичари

За разлика од Јулија Тимошенко. Нејзиниот сон да стане претседателка пропадна уште во првиот круг. Исто како и на Порошенко, успехот на Зеленски ѝ ги помати сметките. Таа сакаше да му ги преземе гласовите на Порошенко со за неа типичната популистичка програма. Но со тоа можеше да ги мобилизира само своите верни гласачи и ништо повеќе.

Тимошенко е аут, Порошенко сѐ уште е во игра – двајцата политичари во основа се отелотворување на една генерација политичари која многу Украинци веќе не ја сакаат. Зеленски всушност на овие луѓе им е трета опција. Токму затоа првиот круг се смета за гласање од протест, а не гласање „за“. Тоа беше јасно видливо и од анкетите. Селенски профитираше од ова. Но, во вториот круг гласачите веројатно добро ќе размислат за кого ќе гласаат.

Ќе биде ли Претседателот поразен од кловнот?

И покрај големото разочарување околу Порошенко, многу Украинци сепак се двоумат околу прашањето каков би бил Зеленски како претседател. Тие го знаат само како комичар и пред сѐ како ѕвезда од една телевизиска серија во која игра претседател на Украина. Но, каков би бил како претседател во реалноста?

Неговата политичка програма, ако воопшто може така да се нарече, е речиси небулозна. И во предизборната кампања Зеленски пред сѐ остана комичар. Тој речиси и да не даваше интервјуа и не учествуваше во политички дебати. Наместо тоа, со својот кабаре-тим одеше од град во град. Сатира наместо политика.

Украинците во вториот круг стојат пред тежок избор: или ќе гласаат за актуелниот претседател, кој многумина веќе не го сакаат, или ќе гласаат за неговиот противкандидат, чии политички цели досега може само да се нагаѓаат. Кловн наспроти Претседател. Избор со неизвесен исход.