1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шекеринска на важна средба со американскиот колега Матис

1 мај 2018

Денешната средба со американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис се случува во клучен период: два месеца пред самитот на НАТО. Македонија се надева на американска поддршка во очекувањето покана за членство во Алијансата

https://p.dw.com/p/2wx3o
Mazedonien Radmila Sekerinska - Vizepräsidentin der Sozialdemokratische Partei
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, која престојува во неколкудневна официјална посета на САД, денеска во Вашингтон ќе се сретне со американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис, што ќе биде прва официјална билатерална средба со секретар за одбрана на САД по повеќе години. Тајмингот на средбата не е случаен, а тоа Шекеринска и самата го потврди пред заминувањето во САД.

„Средбата со секретарот за одбрана Матис се случува во клучен период, два месеца пред Самитот на НАТО. Тоа е извонредна шанса да покажеме колку членството во НАТО е важно за Република Македонија, и да покажеме дека тоа носи вредности и за земјите-членки на Алијансата. Со американскиот секретар за одбрана ќе разговараме за нашето стратегиско партнерство, за одбранбените реформи, но и за сите оние работи коишто Македонија може да ги понуди на НАТО, во смисла на зголемена безбедност во регионот и на европскиот континент“, најави Шекеринска.

Таа истакна дека во последните десет месеци Владата секојдневно работи за да ја врати довербата на македонските граѓани во државата, но и да ја врати довербата што странските партнери ја имале во Република Македонија.

Jim Mattis
Со Матис ќе се разговара за стратегиското партнерство, одбранбените реформи и она што Македонија може да го понуди на НАТО, најавува ШекеринскаФотографија: Reuters/E. Vidal

„Покажавме дека она што Македонија го ветува - го исполнува. Ова е шанса да покажеме дека Република Македонија заслужува да стане членка на НАТО“, вели Шекеринска.

Вашингтон ги цени промените

Таа претходно веќе се сретна со заменик-помошникот на секретарот за одбрана, Лора Купер, и со високи официјални лица во Стејт Департментот. На средбата со првиот заменик-помошник секретар во бирото за европски и евроазиски работи на Стејт Департментот, Елизабет Милард, министерката ги образложила аргументите поради кои Македонија го заслужува членството во НАТО - зголемувањето на буџетот и платите за армијата, одбранбените реформи, зголемувањето на бројот на војници во мисијата во Авганистан, а на поширок план и враќањето на критичките и слободни медиуми, владеењето на правото, активната транспарентност на која се обврза Владата како една од алатките против корупцијата... Од страна на Милард, како што соопшти МО, било оддадено признание за напредокот кој го постигна Македонија само една година по кризните настани во Собранието. Било потенцирано дека САД се силен пријател на Македонија кој одблизу го следи и поддржува прогресот на земјата. Според Шекеринска, промените во изминатата година во Македонија се видливи и се ценат во Вашингтон.

USA Washington - Mazedonische Verteidigungsministerin Radmila Sekerinska trifft Elisabeth Millard
Шекеринска и првиот заменик-помошник секретар во бирото за европски и евроазиски работи на Стејт Департментот, Елизабет МилардФотографија: Mazedonien Verteidigungsministerium

„Впечатокот е дека имаме историска шанса да ги промениме состојбите во Македонија и во регионот. Најголемиот дел од моите соговорници кажаа дека Македонија го заслужи членството во НАТО и дека се надеваат, очекуваат, посакуваат договор со Грција, што ќе овозможи целиот иден процес со забрзано темпо позитивно да заврши за Македонија“, изјави министерката.

Повеќе: 

Шекеринска: НАТО и ЕУ се единствениот противотров за национализмот

Столтенберг: Од држава на работ, станавте земја на можности

Пендаровски за ДВ: Ќе ги завршиме сите обврски до самитот на НАТО!

Во тој процес таа очекува американска поддршка врз база на досегашните резултати, но и реформски процеси во одбраната и Армијата. Во 2018 година буџетот на одбраната е зголемен за 15 проценти, платите на воениот персонал зголемени за 10 проценти, а учеството во Авганистан за 20 проценти. Донесена е одлука од 2019 година да почне годишно зголемување на буџетот за одбрана од 0,2 проценти од БДП, со цел тој постепено да ги достигне таргетираните 2 процента.

Очекувањето Македонија годинава да добие покана за членство во НАТО, како чин кој ќе создаде нова надеж на Балканот, Шекеринска го изрази и на тркалезната маса организирана од американскиот Атлантски совет, на тема „Балканот и членството во НАТО низ призмата на Македонија: Високи влогови во однос на глобалната безбедност и судбината на демократијата во една мала земја.“

Mazedonien Skopje - Armee - Regiment für spezielle Operationen
Во 2018 година буџетот на одбраната е зголемен за 15 процентиФотографија: T. Janevski

Планот Б е успех

Прашањето кое сега е фокусот на вниманието, се разговорите меѓу Скопје и Атина со цел да се реши дводеценискиот спор за името, кој беше главната пречка Македонија да добие покана за членство НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година. Десет години подоцна, геополитиката уште посилно ги наметна прашањата на безбедноста во Западен Балкан, во време кога одредени билатерални спорови во регионот сѐ уште не се решени. Запрашан за проценка на исходот од разговорите за името меѓу Македонија и Грција, висок претставник на Стејт департментот за емисијата „360 степени“ одговорил дека е „претапзлив оптимист“.

„За да се стигне до совпаѓање на основите барања на двете страни, ќе бидат потребни и одредени уставни измени. Какви и колку длабоки би биле тие, треба да се договорат Скопје и Атина“, изјавил тој.

Притоа нагласил дека прашањето е комплексно, и треба сериозно лидерство и креативност за да се дојде до договор и до негово секвенционирање, односно определување временска рамка во која тој ќе се имплементира, а ќе се знае што ќе добие за возрат Македонија во секоја од тие секвенци. Запрашан дали постои „план Б“ ако раговорите за името не успеат и Македонија не добие покана за членство во НАТО, тој изјавил: „Фокусирани сме на успешно завршување на процесот и нема причини да веруваме дека ќе изостане успех“.

Околу руските обиди за попречување на зачленувањето на Македонија во НАТО, претставникот на Стејт департментот рекол дека целта на Кремљ е да ја поткопа стабилноста на Балканот. 

„Русија се обидува да го попречи успешното финиширање на преговорите меѓу Скопје и Атина, не само преку своите активности во Скопје, туку и преку своите партнери и структури во Грција - низ негативна кампања во медиумите и особено на социјалните мрежи. Целта на Москва не е Русија да успее, туку другите да не успеат“, изјавил високиот претставник на Стејт департментот.