1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шверц на учебници од Косово

16 октомври 2010

Професори и членови на образовната власт во српските општини Прешево и Бујановац, се принудени да шверцуваат учебници од Косово, бидејки српската држава ни по девет години нема обезбедено книги за учениците - Албанци.

https://p.dw.com/p/PfeI
Книгите стигнуваат од Приштина (на сликата)Фотографија: DW

„Српските власти не се заинтересирани да го решат деценискиот проблем со учебниците на албански јазик. Затоа учениците учат од книги од Косово, според тамошната образовна програма“, вели Неџмедин Ахмеди, шеф на општествените активности во Прешево. Книгите нелегално се пренесуваат преку граница, но понекогаш паѓаат и во рацете на полицијата.

„Букварите стигнаа во Прешево, а останатите книги, вкупно 4000 учебници и 500 компакт дискови од музичката култура, полицијата ги заплени од трактор на влезот во Прешево. Книгите се наоѓаат во царинскиот терминал, а имам и ноеофицијални сознанија дека против лицата кои ги пренесуваа книгите, се поведува кривична или прекршочна постапка“, вели Ахмеди за Дојче Веле. Инаку трактор - приколката полна со книги ја превезувал средношколец, а била донација од Министерството за образование и наука на Косово, за албанските ученици во Прешево.

Српското министерство не знае што се случува

Единствениот претставник на Албанците во српскиот парламент Риза Халими вели дека српското министерство за образование за првпат оваа година обезбедило учебници за учениците од прво одделение, но тоа не го решава проблемот, бидејки за настава од прво одделение во основно, до четврта година во средно училиште, се потрбни околу 250 учебници. „Министерството нема поим за тоа што се случува во училиштата на албански јазик во Прешево, Медвеѓе и Бујановац“, незадоволно објаснува Халими.

Riza Halimi Kopf der Demokraten
Риза Халими, единствениот пратеник- Албанец во српскиот парламентФотографија: AP

Најголем проблем имаат професорите, особено во средните училишта ојаснува Ахмеди.

„Купуваат учебници во Косово, Албанија, во Белград. Ако литературата е стручна, не е важно како се презива авторот, важно е да се најде материјал и да може нешто да се преведе“, вели Ахмеди.

Нема учебници ниту на српски јазик

Националните малцинства, според српските закони, имаат право да се школуваат на мајчин јазик, но само по планови и програма на домашното министерство за образование, кое во случајов не само што нема обезбедено учебници на албански јазик, туку учебници нема ни за оние задолжителни часови на српски јазик.

Последица од ваквата состојба е фактот дека младите Албанци малку го владеат јазикот на земјата во која живејат. Шефот на канцеларијата на Телото за координација за Прешево, Медвеѓе и Бујановац, Радован Делибашиќ изјави дека со оваа појава се соочува секој ден.

„Кога велам ’добар ден’, никој не одговара. Кога велам ’Mirdita’, сите одговараат ’ditademir’. Во еден разговор со директорот, кој исто така не знае добро српски, го прашав дали децата учат српски јазик, ми беше кажано дека тие го учат јазикот двапати неделно“, се сеќава Делибашиќ на неговата средба со албанските научници во југот на Србија.

Автор: Милица Ивановиќ/ Владимир Калински

Редактор: Симе Недевски