1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заглавени шансите за дијалог

Катерина Блажевска18 мај 2015

Разговорите не стигнале до фаза во која би се разговарало за барања на која било од партиите, бидејќи не биле дефинирани основните принципи на рамката за почеток на политичкиот дијалог.

https://p.dw.com/p/1FRZ7
Фотографија: MAKFAX

Без никаков договор заврши втората средба на лидерската четворка Заев-Груевски -Ахмети- Тачи одржана попладнето во Клубот на пратениците во Скопје. Разговорите не стигнале до фаза во која би се разговарало за барањата на која било од партиите, бидејќи не биле дефинирани основните принципи на рамката за почеток на политичкиот дијалог.

„Нова лидерска средба ќе биде одржана на 26 мај, а на денешната не е направен никаков исчекор“ изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев по средбата.

„Сѐ уште се разговара за принципите при влез во евентуални преговори, за рамноправноста на сите во тие преговори, за гаранција за чесен пристап и фер однос на сите и за гаранција за спроведување на она што евентуално би се договорило“, изјави Заев по средбата.

Според лидерот на СДСМ, неопходно е да се формира преодна влада за да се воспостави нормален систем во земјата.

„Нашиот став е јасен. Бараме формирање на преодна влада, што е доволно широк термин и дава повеќе алтернативи. Таа преодна влада може да биде технократска од администрацијата, експертска, составена од експерти, може да биде и политичка. Таа влада ќе има за цел враќање на сите состојби во нормала и подготовка на Македонија за предвремени парламентарни избори“, рече Заев.

На средбата Ахмети наводно предложил прво да се направи реконструкција на владата, а потоа да се формираат работни групи за поединечни теми - владеење на правото, слобода на медиуми, избирачки списоци... Според извори во СДСМ, за нив тоа е неприфатлив предлог, и всушност го сметаат за предлог на Груевски, кој е поддржан од ДУИ и ДПА. Груевски и Ахмети не дадоа изјава по средбата.

Амбасадорот на САД, Џес Бејли и шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Аиво Орав, и денеска на разговорите беа присутни само како набљудувачи.

Средбата се одржа зад затворени врати. Премиерот Груевски дојде во придружба на министерот за надворешни работи Никола Попоски, Зоран Заев со Рената Дескоска-Тренеска, Али Ахмети со Артан Груби, а Мендух Тачи со Луан Треси.

По завршувањето на првата лидерска средба, што се одржа во минатотот четврток, учесниците за денеска најавија дека ќе направат обид да ја договорот рамката за почеток на политички дијалог за излез од кризата.

По денешниот епилог, дипломатски извори се сомневаат дека ќе има каков било успех на утрешната средба на Груевски и Заев со европратеници во Стразбур.


Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема