1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Став: Чудовиштето од Тикрит

Керстен Книп Превод:З.Јордановски6 април 2015

Ирачката армија е пред портите на Тикрит подготвена за борба против Исламската држава. Но, борбата не може да се добие само со војнички средства, нужни се и политички, смета Керстен Книп.

https://p.dw.com/p/1F33L
Фотографија: Reuters/T. Al-Sudani

Војната против Исламската држава (ИД) се води во Тикрит, но ќе биде добиена или загубена во Багдад. Оти, само во ирачкиот главен град се решава политичката иднина на земјата, се наоѓа одговор на прашањето што сака да биде Ирак во иднина: територија на која живеат три групи, чиј единствен поврзувачки елелмент е заедничката надворешна граница, во чии рамки опстојуваат едни покрај други - побргу лошо, отколку добро. Или пак сака да биде држава во која тие три групи - сунитите, шиитите и Курдите - се решиле да живеат заедно и ги прифаќаат нејзините институции. Во парламентот во Багдад ќе се реши дали Ирачаните повторно конечно ќе постигнат надконфесионален општествен договор - или пак и натаму сакаат да талкаат долж религиски и етнички линии кон некоја неизвесна, мрачна иднина.

Времето потоа

Сигналите што одат од Багдад кон Тикрит битно ќе влијаат врз борбениот морал на трупите. Пред портите на градот се наоѓа еден шаренолик сојуз составен од армијата, шиитските граѓански милиции и сунитските доброволци. Сите нив сега ги обединува не многу повеќе од волјата да го уништат заедничкиот непријател, теросристичката организација Исламска држава. Тоа ќе трае со недели или месеци, но веќе сега се поставува прашањето - што потоа? Што кога терористите, да се надеваме, кога и да е ќе бидат поразени? Како тогаш ќе одат работите меѓу сунитите, шиитите и Курдите?

Deutsche Welle Kersten Knipp
Керстен Книп, автор на коментаротФотографија: DW/P. Henriksen

ИД успеа во најкратко време повторно да сврти против себе голем дел од сунитите, кои пред неколку месеци уште го славеа пробивот на божјите борци. Не може сепак да се поднесува како поради ништожности соседите ги коваат на крст, ги фрлаат од високи згради или ги камшикуват.

Плодови на војната

Една работа е да се спротивставиш на терористи и касапи од страст, а сосем друга поради тоа веднаш да се збратимиш со непријателот на непријателот. Шиитите и сунитите засега не се ништо повеќе од заедница врз прагматична база. Обете групи се ангажират и со одредени прикриени намери: шиитите или барем голем дел од нив, сонуваат за натамошно да ја прошират и да ја консолидираат власта што ја имаа по падот на Садам Хусеин, а сунитите, пак, се надеваат повторно да ги добијат целосно под своја контрола областите што ги преосвои ИД и со тоа да влезат со поголема тежина во преговорите за идната организација на власта.

Колку е важен решителниот настап сунитите осознаа во последните месеци, кога шиитите ја искористија нивната борба против ИД за да ги протераат сунитите од нивните традиционални области и да ги заземат нивните куќи. „Си го земаме она, што сунитите ни го земаа пред повеќе векови“ - тоа е флоскулата со која шиитите ги образложуваат своите ограбувачки походи. Нивниот бес ги распламтува и сеќавањата на последните децении под режимот на ужасот на Садам Хусеин. Тој ја користеше, на почетокот на неговото владеење уште не многу изразената, религиозна затегнатост во земјата и систематски ги наведуваше двете групи една против друга. За време на неговото владеење беа убиени безброј шиити, претпоставките одат до милиони жртви. Такво нешто не се забовара лесно.

На сунитите, пак, во свежо сеќавање им се годините под шиитот Нури ал-Малики како претседател. Наместо по соборувањето на диктаторот да поведе процес за национално помирување, тој продолжи со национални поделби, само со обратен предзнак: сега шиитите беа во ситуација да ги тормозат нивните противници. Сунитите се нервозни и поради хегемонијалните аспирации на Иран, кој кон Тикрит упатува воени експерти - не само од хуманитарни причини.

Еден диктатор и еден реваншист

Ирак го имаше малерот да биде управуван од еден диктатор, а по него од реваншист. Ако борците пред портите на Тикрит успеат некогаш да ги победат терористите од ИД, ќе им претстои наредната задача: да го отфрлат наследството од двајцата државници, кои земјата ја уништија до темел. Ако тоа не им успее, ИД може да биде победена, но веќе стои подготвена наредната генерација на смрт подготвени терористи. ИД е чудовиште кое може да биде победено само во парламентот во Багдад