1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чип-картичка за странците во Германија

1 септември 2011

Од 1. септември во Германија се воведува електронска картичка за странците кои престојуваат во земјата. Наместо лепенка во пасошот, сите дојденци од земјите надвор од ЕУ ќе добијат чип-картичка.

https://p.dw.com/p/12QhO
Новата чип-картичкаФотографија: Bundesministerium des Inneren/DW-Fotomontage

На картичката ќе бидат сместени биометриска фотографија и два отисока од прстите на сопственикот. Тоа, во комбинација со специјален ПИН, според властите, ќе биде доволно да се спречат евентуални злоупотреби. Притоа, картичката ќе биде и доста скапа. Секој ќе мора плати 110 евра за да ја добие. Барањата за добивање на картичката, како и досега, ќе бидат поднесувани до надлежната општина, а обработката на податоците ќе трае до шест недели.

Оној кој во иднина ќе сака да го продолжи престојот, ќе мора лично да го поднесе барањето и лично да ја подигне картичката. Тоа ќе важи и за најмладите. Отисоци ќе се земаат и од деца на шестгодишна возраст, па нагоре.

Нужноста од давање отисок од прст е дел од правилата на ЕУ, исто како и самото воведување на електронската картичка. По нејзиното воведување, предвидено е и нормирање на дозволите за престој на територијата на целата ЕУ. Новите правила се однесуваат исклучиво на оние странци кои потекнуваат од земји надвор од Унијата, и кои поседуваат ограничена или неограничена дозвола за престој.

Онлајн функција

Слично како и кај новата германска лична карта, со електронската картичка, ќе можат да се вршат и некои административни работи, под услов сопственикот да е постар од 16 години. На чипот може да се смести електронски потпис, преку кој на интернет се докажува идентитетот на сопственикот. На тој начин овозможена е и комуникација со државната управа. На сите оние кои од разни причини не сакаат да ризикуваат користење на картичката на интернет, овозможено им е едноставно да ја исклучат „онлајн“ функцијата.

Chipkarte für Ausländer Fingerabdruck
Фотографија: AP

Воведувањето на чип-картичките не значи дека „хартиените“ дозволи за престој во иднина нема да важат. Новата картичка ќе може да се побара дури по истекот на актуелната дозвола за престој, а најдоцна до август 2021 година.

Одредбата за воведување на електронските картички, ЕУ ја донесе во април 2008 година. Во Германија таа требаше да биде воведена во мај годинава, но терминот беше поместен за неколку месеци поради потребата за дополнителна контрола на функционирањето на чипот.

Автор: Ана Апелрат/Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска