1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна Гора: против Ѓукановиќ или против НАТО?

Немања Рујевиќ/бг13 ноември 2015

Претстои нова рунда од протестите против владата во Црна Гора. Тие се насочени кон премиерот кој владее веќе 24 години, но и против влезот на земјата во НАТО.

https://p.dw.com/p/1H56R
Фотографија: DW/N. Rujević

Сонцето се одбива од бистата на црногорскиот крал Никола I, омилениот владетел кој во 19. век ја одбрани земјата од Османлиите и ја приближи кон Русија. Од другата страна на улицата споменикот има адекватно друштво: таму е сместена статуата на рускиот поет Александар Пушкин. Подобри кулиси за протести црногорската опозиција - предводена од една просрпска партија жесток противник на НАТО - не можеше да си замисли. На просторот меѓу кралот Никола и Пушкин, демонстрантите бараат оставки од владата, а на крајот на октомври дојде и до жестоки судири со полицијата. Локалните жители велат дека сѐ уште го чувствуваат мирисот на солзавецот.

Длабока поделеност

Власта и опозицијата имаат различни интерпретации на причините за протестите. Организаторите велат дека се работи за бунт на граѓаните против 24-годишното владеење на премиерот Мило Ѓукановиќ, против корупцијата и сиромаштијата. Според владата, протестите се насочени против очекуваниот влез во НАТО, а инспирирани се од Србија и Русија. Малата јадранска земја со 600 илјади жители е длабоко поделена на повеќе основи: на симпатизери и противници на владејачката Демократска партија на социјалистите, на Црногорци и Срби, на поддржувачи и опоненти на влезот во НАТО.
На Славен Радуновиќ ваквата иконографија добро му доаѓа. Пратеникот на Нова српска демократија не прими во неговото биро во центарот на Подгорица кое го краси српското знаме, а од радиото ечи гласна музика. „Тоа е поради прислушкувањето. Сите сме прислушкувани од режимот“, тврди тој.
Најголемата про-српска партија во Црна Гора е принудена на политичка шпага: од една страна е остро против влез во НАТО и со тоа тврди дека претставува една третина од народот, а од друга страна во рамките на опозицискиот Демократски фронт мора да соработува со други партии кои апсолутно немаат ништо против влез во НАТО. Радуновиќ во тоа не гледа никаков проблем:
„Приоритетот е да се урне од власт Ѓуканович. Тој е пречка за сите реформи“.
Актуелниот премиер владее од 1991 година, и оттогаш доживеа многу реинкарнации: како комунист беше член на Политбирото, потоа стана националист, за на крај да се залага за влез во ЕУ и НАТО. Радуновиќ го нарекува „последниот политичар од советско време“ и другар на Ерих Хонекер.

Со години Ѓукановиќ успева да ги надмине критиките и скандалите- без разлика дали се работи за обвиненија за лажирани избори, или за шверц на цигари во 1990-те години. Притоа, тој денес е 53-годишник.

„Тој може уште долго да владее“, смета Драшко Ѓурановиќ, главен уредник на весникот „Побједа“. Иако многу граѓани живеат во сиромаштија, а Ѓукановиќ околу себе има многу корумпирани соработници, опозицијата му го олеснува животот со своите „ступидни идеи“. „Граѓаните не можат да препознаат искрени политички идеи во опозицијата. Уште потешко е и поради тоа што во коалицијата има партии кои се против независноста на Црна Гора“, вели Ѓурановиќ.

Под чадорот на НАТО

Атмосферата во Подгорица се загрева пред моментот кога ќе стигне поканата за членство во НАТО. Речиси е сигурно дека на почетокот на декември Црна Гора ќе добие зелено светло. Но од каква опасност бара Црна Гора заштита во НАТО? Тоа е поедноставување на работите, вели Ѓурановиќ. „Ниту една членка на НАТО немала територијален проблем, и ниту една земја не го напуштила НАТО. Притоа, иако нема директни закани, безбедносно-политички е мудро, да се биде под чадорот на моќна организација“.
Славен Радуновиќ не ги прифаќа ваквите аргументи. Тој потенцира дека и емоциите играат улога - затоа што НАТО со своите бомби за време на „косовската војна“ во 1999 донесе смрт за стотици цивили. „За мала земја како Црна Гора, неутралноста е важна и за економијата. Без неутралност, ќе останеме без инвестиции од другата страна“. Другата страна притоа е Русија, која не гледа благонаклоно на проширувањето на НАТО на Балканот. Сепак, Радуновиќ тврди дека за демонстрациите против владата не добиваат поддршка од Русија „ниту политичка, ниту морална или финансиска“.
За вонредни избори премиерот Ѓукановиќ нема желба. Опозицијата најверојатно ќе мора да го чека редовниот термин следната есен. А дотогаш Црна Гора најверојатно ќе биде нова членка на НАТО.

Montenegro Slaven Radunović Opposition
Славен РадуновиќФотографија: DW/N. Rujević