1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ципрас дели (предизборни) подароци

ЖА / агенции
8 мај 2019

По повеќегодишни драстични програми за штедење поради должничката криза, грчкиот премиер планира растоварување на народот за оваа изборна 2019 година: зголемување на пензиите, а намалување на данокот на додадена вредност

https://p.dw.com/p/3I7mp
Griechenland |  Ministerpräsident Tsipras verspricht Steuersenkungen
Фотографија: picture-alliance/dpa/Bildfunk/AP/R. Giannakouris

Мерките за штедење од минатите години вродија плод, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас во Атина, па сега е време за повторно инвестирање во социјалната и економската политика. 

Според Ципрас, уште овој месец ќе биде намален данокот на додадена вредност за прехранбените производи и гастрономијата од 24 на 13 проценти. Тоа би требало, меѓу другото, да ја поттикне за Грција исклучително важната бранша - туризмот. За луѓето треба да стане поповолна и енергијата, ДДВ на електричната енергија и на гасот ќе биде намален од 13 на шест проценти.

Освен тоа, ќе профитираат и силно осиромашените грчки пензионери - во иднина во просек годишно ќе добиваат половина пензија повеќе, како што соопшти премиерот. Ципрас не крие воопшто дека најавените мерки се поврзани со изборите за Европскиот парламент на крајот на мај и со грчките парламентарни избори наесен: „На овој начин се надеваме на гласовите на грчкиот народ на 26 мај и во октомври“.

Повеќе:

Грција со нови задолжувања ја враќа довербата

Грција по програмата за спас: „Мора да се почне од нула“

Веродостоен план

Грчкиот премиер објасни и на каков начин планира да ги финансира зголемените пензии и намалените даноци. Преку драстичните мерки за штедење и реформите од минатите години Грција заштедила околу 31 милијарда евра. Половината од тоа е предвидено како заштитна резерва, за земјата да може и самата да се финансира. 3,6 милијарди евра се наменети за отплата на кредити на ММФ. Натамошни 5,5 милијарди евра ќе одат во специјален фонд, кој треба да гарантира дека Грција ќе ги исполнува своите обврски кон кредиторите најмалку до 2022 година, да постигне примарен суфицит од 3,5 проценти од БДП. Со остатокот од парите може да им се излезе во пресрет на оние кои најмногу страдаа од политиката на штедење, истакна Ципрас.

Умешен тајминг

Денеска во грчкиот парламент започнува тридневна дебата за доверба на владата, за што ќе се гласа в петок. Првично опозиционата Нова демократија поднесе барање за гласање доверба за еден министер од владиниот кабинет на Ципрас, на што премиерот побара да се гласа за доверба на целата влада. Политичките аналитичари оваа реакција ја толкуваат како чиста калкулација пред изборите за Европскиот парламент, зашто во текот на тридневната дебата во парламентот, грчката владејачка партија Сириза има поволна можност да води изборна кампања.