1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Цената на „шверцувањето“ во културата

25 ноември 2019

Зарем само театарот е скапо платен? Зарем стадионите не се? Зарем не се најскапо платени меѓуетничкиот мир, толеранцијата и соживотот? Но, грижата за таа инвестиција најслабо се штити.

https://p.dw.com/p/3Tf3U
Skopje 2014 Theater
Фотографија: DW

Скандал, дивеење, некултурен чин. Многу критики се напишаа за петочната прослава во МНТ, на 30-годишнината на навивачката група „Шверцери“ на фудбалскиот клуб „Шкупи“ од Чаир. На снимката се гледа како присутните пеат и скандираат, дел качени на оградите во ложите. Реагираше и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, на Фејсбук.

„Во институција што е врв на културата во Македонија гледаме врвна некултура и дивјаштво. Колку треба да немате чувство кон институцијата која ја водите да ја издадете на навивачка група! Па уште истата да се вика Шверцери!!! Името на навивачката група сугерира криминал. Што да очекувате од таква навивачка група освен сквернавење на најубавиот театар во Македонија? Тоа е разликата - некој гради, некој уништува!!! За ова е потребна оставка на директорката на МНТ, министерот за култура, како и одговорност од Зоран Заев! Заев е виновен!“, напиша Николоски.

Околу имињата на навивачките групи подобро би било да не се коментира. Ако имињата се гаранција за кредибилитетот, или услов да се добие дозвола за одржување премиера на документарен филм за навивачка група, ретко која би добила таква можност, ако на списокот се редат „Мајмуни", „Чкембари", „Ѓаоли", „Пирати“ и ред други, сите рамо до рамо во духот на вредностите на „културата“ на секаков вид поларизации. 

Грижата за објектите, и за односот на оние кои ги користат нивните услуги, ќе биде искрена само ако се однесува и практикува во сите сегменти. Зарем само театарот е скапо платен? Зарем стадионите не се? И зарем не се најскапо платени меѓуетничкиот мир, толеранцијата и соживотот (нешто што тешко ќе се измери со пари), но сведоци сме дека таа инвестиција најслабо се штити. Проблемот е во потфрлањето на една друга значајна инвестиција - во еманципирањето на навивачките групи во духот на фер плеј однос меѓу нив, во помирување, елиминирање на националистичките страсти и говорот на омраза. Тоа чини многу повеќе од цената за изградба на МНТ. Не во пари. Во напор, волја и посветеност. Една искра меѓу навивачки групи со различен етнички предзнак, може да предизвика пожар во државата. Партиските функционери (и оние кои критикуваат, но и оние кои не гледаат проблем во однесувањето во МНТ), треба да се запрашаат колку самите придонесле во ваква слика. Токму партиите и политиката користат одредени навички групи како дополнителен погон на политичкиот и верскиот терен: од бранители на етничкото, на идентитетот, чувари на верите и на херојските традициии, до сила која мора да ја имаат предвид и да сметаат на нејзините „услуги“. Наместо да критикуваат, политичарите први треба да облечат „дрес“ против ваквите појави. Кога ќе ги решат - тогаш никој нема да биде загрижен дали и какво однесување ќе имаат навивачи во објект од културата.

Патем, во случајов во МНТ бил промовиран документарен филм за славениците на јубилејот, со што барем формално биле исполнети услови за одржување на таква манифестација таму. Истото би важело и за кој било друг објект што нуди можности за тоа, на пример, кино сала.

Ова неслучајно го потенцирам, бидејќи по прашањето кој, каде и што може да слави, одамна сме на лизгав терен. Да не заборавиме, во јуни 1998 година година, Музејот на современата уметност (буџетска институција) дозволи таму да се одржи свадбената веселба на Јордан Камчев, тогаш актуелен претседател на Кошаркарскиот сојуз на Македонија и неговата тогашна избраничка Олга Костовска. Тогашниот директор на Музејот сметаше дека „не е ништо страшно таму да се случи свадба", дека ќе се користат само фоајето и тересата, а уметничките дела ќе бидат максимално заштитени.

Уметниците реагираа. Не говореа за „цената“ на Музејот, туку за цената на професионалноста, за моралот и за црвената линија. Говореа дека Музејот треба да мириса на платно и бои, а не на храна, дека на таков начин се девалвира уметноста, дека не може музеј да се изнајмува како платформа за развеселени сватови, гости и свадбарска музика. Но, свадбата се одржа.

Фактот дека во меѓувреме не се случила дозвола за свадбена церемонија во објект од културата (и не сме слушнале дека некој побарал) говори за некакво зреење на општеството, без оглед колку тие процеси ни изгледаат бавни. Секако, важни се и гестовите на оние кои по „првичниот грев“ потврдуваат дека може и поинаку. На пример, Олга Костовска годинава даде лична донација од 600.000 денари за реконструкција на скалите и платото пред Музејот на современата уметност (местото кое пред две децении влезе во фокусот заради свадбата). Средствата беа собрани од неа и нејзините пријатели, кои за нејзиниот 45. роденден, наместо подароци донираа средства за наведената реконструкција. Пред две години, пак, Фондацијата „Илија Камчев" помогна јубилејната изложба на Петар Мазев да се одржи во Даут пашиниот амам со целосно обновена светлосна и просторна инсталација.

Но, ќе повторам. Културата не ја создаваат објектите. Тие се рамка во која културата може да се изрази и го искаже својот максимален потенцијал. Во МНТ се покажало тоа што било иманентно за групата. Тоа е одраз на општествената реалност. Таа треба да се менува. Не е најбитно дали театарот е скапа или евтина градба. Прашањето е колку е скап и вреден културниот потенцијал во нас и како го градиме и чуваме.