„Владата на Мадуро нема иднина“
13 февруари 2019На споредбата со поранешниот американски претседател Барак Обама, Хуан Гуидо контрира суверено. Се разбира, постојат одредени паралели, но тој има своја агенда за Венецуела. И таа се состои од три фази: „Крај на узурпацијата, формирање преодна влада и овозможување слободни избори“. Тој својата улога ја гледа во тоа секогаш одново да се осврнува на овој процес. На крајот можеби со него како иден претседател? „Ќе видиме кој ќе се натпреварува на слободните избори“, изјави резервирано Гуаидо во интервјуто на ДВ.
Дотогаш, меѓутоа, претстои долг пат - можеби дури и предолг за 35-годишниот Гуаидо. Борбата за власт помеѓу него, самопрогласениот преоден претседател и неговиот ривал Николас Мадуро е можеби во одлучувачка фаза. И многумина стравуваат дека на опозицијата ќе ѝ снема здив, дека нема да може да го одржи притисокот на улицата, па дури и дека меѓународната заедница веднаш ќе се заврти кон друго кризно жариште, ако види дека нема развој на подобро во Венецуела. „Време е против Николас Мадуро, влада која нема иднина, нема идеи и нема поддршка меѓу населението", вели Гуаидо, кој и покрај сѐ е убеден во победа: „Ние наспроти тоа сме движење кое расте и нема да се повлече и да го одложи процесот кој е неизбежен“.
Први испораки на помош и покрај блокадата на земјата
Ова го вклучува и доставувањето на помош. Претседателот Мадуро нареди да се блокираат границите, па сепак првите прехранбени средства пристигнаа во земјата: „Вкупно 1,7 милиони порции за неисхранети бремени жени, бебиња и деца со неисхранетост. Се разбира, тоа не е доволно“, се пожали Гуаидо, но сепак е достаточно за првичен краток временски период. Тоа би била мала и важна етапна победа против Мадуро, кој испораките на храна ги критикуваше како „политичко шоу“, како изговор за американската воена интервенција.
Повеќе:
-План од четири точки за Венецуела
-Венецуела и можноста од судир поради хуманитарната криза
-Признавањето на Гуаидо не менува многу
Секогаш одново, ова сценарио е предмет на дискусија, поттикнато од американскиот претседател Доналд Трамп, кој му се закани на Мадуро со сериозни последици доколку мирно не ја предаде власта. „Сите опции се на маса“, изјави Трамп пред три недели. Тоа е слабото крило на Гуаидо, бидејќи САД не уживаат добар углед во Латинска Америка поради нивната политика кон условно кажано соседите на југот во последниве децении.
Мадуро смета дека со Гуаидо би требало да инсталира „марионетска влада во Венецуела“. Гуаидо жестоко го отфрла ова обвинување во интервјуто за ДВ: „Мадуро повеќе нема многу аргументи. Јасно кажав дека Венецуела суверено ќе ги донесува сите одлуки. Ние одлучуваме, какви сили се неопходни за да ѝ се стави крај на узурпацијата“. Тој, исто така дополнува, дека никогаш не тврдел оти американска воена интервенција би можела да се случи. Значи, многу простор за интерпретации, така што не без причина Гуаидо интервенцијата на САД ја оцени како „многу експлозивна тема".
Јасна порака до војската
Самопрогласениот преоден претседател продолжува да верува во тоа дека промена на власта во Венецуела е можна и без странска помош. Но, за такво нешто тој мора да ја придобие влијателната војска да ја промени страната. „80 или 90 отсто од војниците се чувствуваат исто како и 80 отсто од населението“, уверен е Гуаидо и вели : „Тие не можат да живеат од нивните плати, прогонувани се, нивните семејства сакаат да ја напуштат земјата или ќе умрат, бидејќи немаат лекови“.
Хуан Гуаидо полага надеж во законот за амнестија усвоен во парламентот, кој им осигурува неказнивост на војниците и офицерите ако тие учествуваат во возобновување на демократскиот поредок. Но, досега, војската, со мали исклучоци, продолжува да го поддржува Мадуро.
Во исто време, Гуаидо испраќа јасна порака до војската да допушти испораки на помош за цивилното население. „Ако не го сторат тоа, ќе сметаме дека е злосторство против човештвото", порачува Гуаидо. И тоа во земја каде, со оглед на ситуацијата, и онака може да се зборува за „тивок геноцид“.
„Во Венецуела живееме во диктатура што се заканува со оружје и со затвор“, заклучува Гуаидо во интервју за ДВ, но она што неговото движење го започна сега е незапирливо. „Тие можат да продолжат со единственото нешто што го знаат, со репресија, прогон и тортура, или само да продолжат да ги крадат парите на Венецуела, но ние ќе направиме мирна и демократска транзиција во корист на нашиот народ".