Христијан Мицкоски - трет претседател на ВМРО-ДПМНЕ
23 декември 2017Христијан Мицкоски, единствениот кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, попладнето беше избран за нов партиски лидер на 16. вонреден Конгрес на партијата. Од вкупно 544 делегати на Конгресот вчера пристигнаа 411, но денеска нивниот број се зголемил на 438. Од нив десет воопшто не гласале. Од оние што гласале (428), за Мицкоски се изјасниле 376, а 52 ливчиња биле неважечки.
Ова е прв конгрес на ВМРО-ДПМНЕ кој се одржа со отсуство на повеќе од 100 делегати, што е најголема ерозија на довербата во досегашната историја на партијата. Таа е резултат и на забелешките за нелојална конкуренција во постапката за кандидирање, поради што истакнати членови на партијата побараа одложување на Конгресот, но тоа не беше прифатено од Извршниот комитет.
На Мицкоски не му пречеше да учествува во „трка" во која нема противкандидат.
„Свесен сум во каква атмосфера поминува овој Конгрес, на моменти презатрупан со шпекулации и наметнати нереални теми. Но, тоа е за жал состојбата во која е политиката денес. Јас ќе се трудам политиката утре да биде поразлична", рече тој.
По изборот изјави дека „неговата визија е држава на народот, за народот - отворена и рамноправна, силна и просперитетна".
„Македонија тоа го може. Македонија мора да оди напред, да стане земја членка на ЕУ и НАТО, но потребна е реална волја, структурни и реални реформи, преку професионални кадри кои ќе го подобрат живеењето на граѓаните. Корупцијата, политичките притисоци, политичката одмазда - мора да стане минато. Македонија мора да има брз и ефикасен правосуден систем, а не уценет и зависен каков што е сега. Оние кои ја делат правдата мора да бидат независни и непристрасни. Мора да растат платите на граѓаните, клучот е во развојот на економијата“, порача Мицкоски по неговиот избор за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Повеќе на темата:
- Најголема демократска и делегатска ерозија во историјата на ВМРО-ДПМНЕ
- Бунт во Белата палата: Вмровците против „манџуриски кандидат“
Кој е Христијан Мицкоски?
Новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ има 40 години, тој е доктор на технички науки, семеен човек и татко на две деца. Од 2014 година е вонреден професор на Машински факултет на УКИМ во Скопје, во 2016 година стана претседател на Управниот одбор и Генерален Директор на АД ЕЛЕМ, а во 2017 и советник на премиерот за областа енергетика. На претседателската позиција доаѓа од функцијата Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. По локалните избори се откажа од советничкото место во Град Скопје, со образложение дека целосно ќе се посвети на партиските активности, што уште тогаш беше протолкувано како негова подготовка за друга функција. Пред еден месец, запрашан каков треба да биде идниот лидер на партијата, рече дека треба да исполнува три услови: да биде лик што ќе биде прифатен од базата, за него да има позитивна перцепција во јавноста и да биде прифатен од меѓународната заедница.
Груевски - почесен претседател
Сега веќе поранешниот лидер, Никола Груевски, на Конгресот беше прогласен за почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Во својот долг говор пред делегатите, рече дека ова време го потсетува на периодот и состојбите во кои се наоѓал Тодор Александров во месеците пред да биде убиен во 1924 година, оставајќи алузии за негова сличност со револуционерот. Рече дека „го започнал мандатот во партијата со нож во грб, а го завршува со повеќе ножиња во грбот“. Повика на обединетост и единство, но истовремено обвини дека партиски членови од различни причини извршиле предавство на ВМРО-ДПМНЕ - некои заради влошени односи со кандидатите за градоначалници, некои затоа што не биле избрани за кандидати за советници, некои заради пари и поткуп, некои од страв да не бидат отпуштени од работата. Иако рече дека нема да се меша во работата на неговиот наследник, во овој контекст му зададе задача на идното раководство.
„Новиот претседател и новото раководство не смее да го игнорира тоа. Да се казнат лицата кои не постапиле соодветно. Ако не го направи тоа, ќе се повтори истото и може пак да ги изгубиме изборите. Потребно е добро да се проверат сите податоци за да не се направи грешка. Потребна е замена на демотивирани и опуштени партиски лица“, нагласи Груевски.
Порача дека на неговиот наследник му го остава најголемиот бренд „ВМРО-ДПМНЕ„, партија која во неговиот мандат 11 години на власт остварила бројни успеси за Македонија. Но, на наследникот му даде и бројни насоки за однесувањето со меѓународната заедница, во партијата и актуелните теми во земјата.
Најави дека ВМРО-ДПМНЕ веќе подготвила закон за амнестија за настаните од 27 април, кој наскоро ќе се појави во парламентот и се надева дека ќе биде прифатен.