1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тигарот е мал, но буден

Норберт Мапес-Нидик
6 јули 2020

Убедливата победа на владејачката ХДЗ ѝ дава на партијата повеќе можности за формирање на владеачката коалиција. Норберт Мапес-Нидик смета дека коалиција со СДП не би била добра, но ниту со Татковинското движење.

https://p.dw.com/p/3er6q
Wahlen in Kroatien I Andrej Plenkovic
Фотографија: picture-alliance/dpa

Нешто повеќе од десет насто освои Татковинското движење на десно-радикалниот Мирослав Шкоро, партија за која на овие избори имаше најголем интерес во Хрватска и во странство – ова е сѐ друго само не сензационален резултат. Речиси секаде во Европа ваквите партии остваруваат подобри резултати – во Германија, Франција, Холандија, Велика Британија, но и во Италија, Австрија, Данска па дури и во многу фалената соседна земја Словенија. Сепак и овој резултат е причина за вознемиреност.

За разлика од наведените земји, радикалната десница во Хрватска во раце држи важен адут: таа управува со националната идеја. Секогаш кога во Хрватска се зборува за националното, гласачите во поголем број се вртат кон десничарските, ултранационални концепти. Долго Хрватската национална заедница (ХДЗ) го јаваше овој тигар, ги напаѓаше малцинствата, им оддаваше почит на мртвите фашисти и ги провоцираше соседите. Но, секогаш кога државната партија ќе се сврти кон умерени, разумни теми, националната десница се закануваше дека ќе се осамостои – како што впрочем направи и сега, откако прагматичниот премиер Андреј Пленковиќ, не сакаше повеќе да „ја храни ова ѕверка“.

Стратегија на заспан тигар

Тоа што ХДС на изборите во неделата помина многу подобро отколку што се очекуваше и по четири години на власт доби повеќе гласови, е благодарение на раширеното тежнеење кон нормалност и национално единство против коронавирусот. Но, на Пленковиќ му се потребни партнери. Малцинското, но добро организирано крило на неговата владејачка партија најрадо би коалицирало со екстремната десница – идеолошки и онака се на иста бранова должина.

Освен тоа, таквиот сојуз би имал благослов и од влијателната католичка црква. Сепак премиерот би згрешил ако го прифати ова. Доколку дојдат на власт Шкоро и неговите луѓе тие секојдневно би играле на националната карта, би дејствувале против Брисел, би организирале провокации против соседните земји Босна, Словенија, Србија и со застарената семејна политика би ги свртеле младите против нив.

Повеќе:

-Изненадувачки убедлива победа на владејачката ХДЗ

-Избори во Хрватска: Младите не ги интересира политика

-Избори во Хрватска: Десно и уште подесно

Тешко дека Пленковиќ би можел да си дозволи да се спротивстави на вакво нешто. Тој досега ја избегнуваше секоја тема којашто ја отвораше Шкоро. Неговата стратегија на заспивање на тигарот беше успешна. Но, сигурно не би му успеало да го усмрти со милување.

Norbert Mappes-Niediek
Норберт Мапес-Нидик, автор на коментаротФотографија: Privat

Голема коалиција со социјалдемократите навистина би имла дво-третинско мнозинство. Но, ни тоа не би било добро. Во Хрватска каде што цвета клиентелизмот, а ретко се води суштинска дебата за содржината, коалиција од две големи партии би се свела на чиста поделба на власта: секој ресор би си правел што сака.

Дополнително, двете големи партии веќе одамна не се меѓусебно толку оддалечени како што самите тврдат и веруваат. Ниту една од нив не нуди идеи, концепти и разумни програми. Ниту една од нив не знае како да го запре егзодусот на младите. Така што тие би можеле да се расправаат околу тоа кога и каде ќе бидат ублажени рестрикциите воведени поради короната, и што би требало да се прави со парите од Европската комисија. Оттаму и не беше никакво чудо што одзивот на гласачите беше помал за осум проценти.

Симболично пензионирање

Двајцата ривали, премиерот Пленковиќ и неговиот социјалдемократски противник Давор Бернардиќ, во предизборната кампања воглавно се ограничуваа на тоа да се позиционираат симболично во однос на Босна, темата абортус или кон хрватскиот поздрав „за дом спремни“ од нацистичко време, кој едно фанатично малцинство би го легализирале.

Од 40 годишниот разумен, и перфектно подготвен Бенардиќ, кој нема политички профил, неговите поддржувачи во предизборната кампања пред сѐ очекуваа да не се „сопне“. Тоа му успеа, но не беш доволно –Бернардиќ поради ова веднаш поднесе оставка.

Оној кој навистина сакаше поинаква Хрватска, тој гласаше за „Можеме!", новата лево-либерална партија која оствари добри резултати особено во упориштата на социјалдемократите.

Пленковиќ со сигурност ќе продолжи да владее како и до сега – веројатно со конзервативната партија Мост, која по програмата речиси и да не се разликува од онаа на неговата партија, но која ја презира корупцијата во ХДЗ, како и со претставниците на националните малцинства.

Не треба да се очекува дека тој во наредните четири години ќе и ги „извади“ острите заби на ѕверката, и еднаш засекогаш ќе му стави крај на херојскиот театар на самонаречените национални јунаци и лажни воени ветереани. Но, ако тој едноставно продолжи само да се провлекува, за четири години, гласачите барем ќе имаат алтернатива за екстремистот Шкоро.

 

Норберт Мапес-Нидик
Норберт Мапес-Нидик Норберт Мапес-Нидик, 1953, е германски новинар и автор на повеќе книги за Балканот.