1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Работа без ограничувања за Хрватите

Ненад Крајцер / Е.М.Фиданоска1 јули 2015

Граѓаните на Хрватска од денеска можат без ограничувања да конкурираат за сите работни места во Германија. Промената предизвика голема бура во Хрватска, додека во Германија помина речиси незабележано.

https://p.dw.com/p/1FrAS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Веста за тоа дека државјаните на Хрватска од денеска (1.07.2015) во Германија можат да конкурираат за секое работно место, германските медиуми ја проследија само со по некоја агенциска вест. Слично беше и пред две недели, кога германската влада донесе долука со која се укинуваат и последните ограничувања при вработувањето на хрватски државјани на германскиот пазар на работна сила.

Deutschland Wirtschaftswachstum Metallbauer
На пазарот на работа во Германија не се очекува масовен прилив на хрватски работнициФотографија: imago/Caro

Нема страв од хрватските државјани

Сосема поинаков беше случајот во 2011 и 2014 година, кога беа завршени преодните периоди на ограничен пристап кон германскиот пазар на труд за членките на ЕУ кои се приклучија во 2004, односно 2007 година. Особено се стравуваше на почетокот на 2014 година, кога ограничувањата се симнати за граѓаните на Романија и Бугарија. Германските медиуми тогаш многу повеќе беа полни со текстови за заканувачката „имиграција во германскиот социјален систем“. Тие стравувања се покажаа како неоправдани, затоа што ниту по укинувањето на ограничувањата за државјаните на Полска, како ниту по отворањето на пазарот на работна сила за Бугарите и Романците, не следеше масовен егзодус. Од овие земји додуша е забележан зголемен прилив на доселенци, но по правило се работеше за добро образовани стручњаци кои не се оптоварување за германскиот социјален систем.

Пазарот на работа е отворен од почеток

Иако отворањето на германскиот пазар на труд во Хрватска беше дочекано како голема вест, факт е дека пазарот од самиот влез во ЕУ беше само делумно затворен за хрватските државјани. Така, од самиот почеток академски образованите граѓани на Хрватска можеа без ограничувања да се вработуваат во Германија на работни места кои се соодветни на нивната стручна подготвеност. Пазарот на труд беше во целост отворен од 1.7.2013 година и за научниците и за сезонските работници, на пример во земјоделството или угостителството. Од почетокот на оваа година позарот за работа е отворен за работниците со средно образование. Значи, пазарот беше практично затворен само за неквалификуваните работници и тоа за оние кои сакаа да работат надвор од рамките на сезонско вработување. Тоа е сосема мал сегмент од работоспособното население, кој згора на тоа не е ниту изразито мобилен. Оттука, малку е веројатно дека од денес ќе следува хрватски егзодус во правец на северозапад.

Не се очекува наплив

Вакви очекувања има и германската влада. „Со оглед на тоа што германскиот пазар на труд и досега беше релативно отворен за државјани на Хрватска, не се очекува зголемување на доаѓањето на хрватски работници“, соопшти Сојузното министерство за труд и социјала. Колкав е всушност приливот во последните две години, откако Хрватска стана членка на ЕУ? Бројката од 93.000 хрватски државјани, колку што во моментов се вработени на работни места со платени придонеси и која во текот на претставувањето на одлуката за укинување на ограничувањата во Бундестагот на 17 јуни ја изнесе министерката за труд Андреа Налес, се однесува на сите хрватски државјани вработени во Германија, а не само на оние кои во Германија стигнале по 1 јули 2013 година (како што тврдеа дел од меиуимите). Ако се споредат прецизните статистики на Сојузниот уред за вработување кои ДВ ги доби на увид, тогаш може да се зборува за околу 25.000 хрватски државјани кои од влезот на Хрватска во ЕУ се доселиле во Германија (последните сигурни бројки се од септември 2014 година, остатокот е проценка). Тие, како што натаму се вели во соопштението, работат главно во преработувачката индустрија, градежништвото, здравството и медицинската нега. Сојузната влада очекува во иднина, барем во прво време, на работа во Германија да доаѓаат околу 10.000 хрватски државјани годишно и тоа претежно во исто бранши како и досега.