1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хонорарците си ги бараат парите!

Катерина Блажевска 30 јули 2015

Добро е што го укинаа законот, но ако не не обештетат, власта ќе потврди дека ова бил смислен грабеж на една категорија граѓани, реагираат хонораци.

https://p.dw.com/p/1G7De
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Добро е што го укинаа законот, но сега треба да ни ја надоместат и штетата, бидејќи плаќавме придонеси, а не добивме ништо. Ова е првичната реакција на хонорарните работници, откако Владата реши по итна постапка да ја укине законската обврска за плаќање придонеси на хонорарите, со што од 1-ви август ќе важи старото решение - да се плаќа само персонален данок. Според министерот за финансии, Зоран Ставрески, Владата се решила на ваков чекор, бидејќи со други мерки кои ги донела таа, се исцрпеле ефектите кои биле предвидени да се постигнат со законот за хонорарците.
Собирање политички поени
Хонорарците не веруваат во ваквото објаснување, со оглед дека законот беше донесен набрзина минатото лето во екот на одморите, предизвика многу протести, претрпе многу критики и неколку измени, а Владата не покажа слух за многубројните аргументи на хонорарните работници. Тие сметаат дека задоцнетата одлука сега има за цел само собирање политички поени.
„’Законот за дискриминација на граѓаните од втор ред', како што го нарековме ние хонорарците, не ни донесе ништо друго освен штета, дополнителна сиромаштија, изгубени или разнишани работни места, со еден збор - хаос“, вели Кате Христовска, хонорарец, активист за човекови права.
„Многумина, веднаш по донесувањето на законот останаа без работа, многумина останаа без никакво здравствено осигурување, дури и оние кои беа осигурани од своите партнери, затоа што кога ќе се осигуриш лично немаш повеќе право на истото. Немавме можност да користиме боледување, немавме можност да користиме годишен одмор. Талкаш по шалтерите за да пополниш пријава, да те запишат во тефтерот, па во системот и да чекаш дали воопшто ќе ти следува осигурување и кога можеш да го искористиш. Ова е агонијата која ја претрпеа хонорарците. Сега следува да побараме да ни ги вратат веќе уплатените средства за уплатените придонеси за хонорари, како и камата и обештетување за претрпените стресови и изгубеното време по шалтерите, како и неможноста за користење на здравственото осигурување“, вели Христовска.
Таа потсетува на бројните протести на хонорарците и на поднесените над 6.000 преставки за стопирање на законот, за кои Владата не покажа слух, што отвора соменеж во нејзините мотиви.
„Во екот на политичката криза и можноста за манипулација со луѓето во предизборието, Владата уште еднаш покажува интерес за прибирање политички поени. И повторно сме дискриминирани, и повторно не им верувам“, вели Христовска.
Ист сомнеж дели и Дејан Лутовски од Движењето за социјална правда - Ленка.
„Измените кои предвидуваа плаќање придонеси за хонорарите, беа донесени на нетранспарентен начин без никаква јавна дебата и затоа побудија доста жестоки реакции во јавноста. Дополнителните чести измени создаваа и уште поголема несигурност, па затоа нивното комплетно повлекување е она за кое се боревме долго време, иако мора да забележиме дека повлекувањето доаѓа во очи на изборите во 2016 година и нестабилна политичка клима, како популистички трик за придобивање на гласови“, вели Лутовски.
Што понатаму? Од Министерство за финансии вчера беа презафатени за да одговорат на прашањето како ќе се обештат хонорарците кои платија придонеси, а не остварија никакви права.
„Ако ова помине така, само со укинување на законот и без обештетување, власта ќе потврди дека ова бил смислен грабеж на една категорија граѓани со загрозен егзистенцијален стастус. Но, тоа не е се. Кој ќе носи одговорност за трошоците за спроведување на законот, за софтверите за пресметки кои ги менуваа како што го менуваа законот и други трошоци што тој ги предизвика?“, прашува Миле Георгиевски, хонорарец. Се сомнева дека „арогантната Влада некогаш ќе одговори на овие прашања“.
Нестручни лица пишуваат закони
Билјана Јовановска, поранешена директорка на Агенцијата за вработување, не е изненадена од одлуката, бидејќи многу пати се потврдило дека власта нема долгорочна стратегија за добробит на граѓаните и државата во ниедна област.
„Се што им се гледа како добар маркетиншки трик и популистички чекор тие го прават без чувство на државност и одговорност, па и по цена на катастрофална штета. Во повеќе наврати укажав дека Законот е конфузен, нејасен, непрактичен, неуставен и дискриминаторски. Со него се правеа обиди за полнење на буџетот, а во исто време власта сакаше да ги исчисти списоците во Агенцијата за вработување и во Фондот за здравствено осигурување, како и да скрати права по разни основи. Поради постоењето на неколку видови работна односи- редовен, времено вработување, договор на дело, авторски договор, хонорарците не требаше да подлежат на уплаќање придонеси, дотолку повеќе што не беше дефинирано кога и како ќе се користат бенифитите од нив“, потсетува Јовановска. Според неа, по кој знае кој пат се покажа дека власта законите ги носи преку ноќ без анализи, од страна на партиски послушници, некомпетентни и нестручни лица, кои не мислат на крајниот исход, а уште помалку на штетата што ќе настане.
„Кој ќе им ја надомести штетата на хонорарците кои платија придонеси, а не искористија бенифит од тоа? Ќе им бидат ли вратени парите? Очигледно е дека Владата и ВМРО-ДПМНЕ влегоа во предизборна кампања, па не им е важна штетата што ја направија, туку само со популизам да собираат политички поени и гласови. Дури да трепнеш намалуваат казни, простуваат долгови, укинуваат придонеси, менуваат закони...“, вели Јовановска.
Професори од Правниот факултет на УКИМ вчера со индигнација одбија да коментираат каква е правната сигурност на граѓаните со ваква „пиши-бриши законска практика“.
„За да се утврди степенот на метастазираност на правната несигурност во Македонија, не е потребна експертска анализа. Тоа може да го дијагностицира секој бруцош“, искоментира еден од професорите.

Proteste der Honorarmitarbeiter in Skopje
Хонорарците во Скопје протестираа против законот во февруари годинаваФотографија: DW/P. Stojanovski