1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хејгл: Македонија и Грција да најдат заеднички интерес за проширувањето на НАТО

СН/жа/миа3 мај 2014

Американскиот секретар за одбрана Чак Хејгл ги повика властите во Скопје и во Атина да работат на изнаоѓање заеднички интерес со цел да се овозможи проширувањето на НАТО.

https://p.dw.com/p/1BtBP
Фотографија: Reuters

Како што јавува македонската новинска агенција МИА, министерот за одбрана на САД, Чак Хејгл дал помалку конфузен одговор на прашањето за тоа дали САД, по кризата во Украина, ќе поддржат проширување на НАТО кон Балканот и ќе помогнат за надминување на прашањата кои стојат на патот.

„Како што знаете, тоа е дел од светот кој работи на тешки историски разлики. Мислам дека е постигнат напредок во тие земји додека на мирен начин ги надминуваат разликите. Не е се совршено, се уште има предизвици, во натамошниот напредок во градењето на функционални, слободни институции, почитување на сите луѓе, без разлика на нивната религија или етничка припадност. Мислам дека многу напредок е постигнат. Имаме разлики, но никогаш нема да можеме мирно да ги надминеме разликите без да изградиме институции и платформи на взаемен интерес,

изјавил Хејгл на прашањето на Мето Колоски од Обединетата македонска дијаспора, кој конкретно праша за спорот меѓу Македонија и Грција како пречка на проширувањето на НАТО.

Хејгл бил поканет да зборува токму за проширувањето на НАТО, во центарот Вудро Вилсон во Вашингтон, на крајот на неделата во која и потпретседателот Џо Бајден и државниот секретар Џон Кери дадоа општа поддршка за проширувањето на НАТО, но без да најават конкретни иницијативи.

Во своето обраќање, секретарот Хејгл рече дека вратата на НАТО останува отворена за прием на нови членки, додавајќи дека без проширувањето на НАТО кон Исток денешната криза во Украина ќе била далеку поопасна за Европа.

Хејгл исто така остро ја отфрли идејата дека приближувањето на НАТО кон Русија предизвикало да дојде до руските планови да ја прошират својата сфера на влијание кон Запад.

И поранешните водечки германски и руски дипломати, Волфганг Ишингер и Андреј Козирев, кои зборуваа за проширувањето на НАТО по Хејгл, оценија дека оваа политика била неопходна по распадот на комунизмот, и повиците на земјите од источна Европа да бидат примени под западниот безбедносен чадор.

Но, и Ишингер и Козирев укажаа дека проширувањето на НАТО се одвивало со големо количество недоразбирање и конфузија меѓу Западна Европа и Русија.