1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хајндл ќе биде дочекан со нула резултати

Катерина Блажевска6 јули 2016

Во јуни Хајндл си замина со порака дека има лоша и добра вест: добрата - дека има излез од кризата, а тоа е договорот од Пржино, а лошата - дека тој процес се одолговлекува. Денеска ќе се се соочи со истата состојба.

https://p.dw.com/p/1JJqn
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Точно по еден месец од неговата последна посета на Скопје, амбасадорот Јоханес Хајндл, специјален пратеник за Македонија на германскиот сојузен министер за надворешни работи Франк-Валтер Штаjнмајер, денеска е во четврта посета на Македонија. Пред неговите досегашни посети, секогаш имаше некакво поместување од мртва точка - или почеток на разговори меѓу партиските лидери или конкретни одлуки. Така беше и пред последното доаѓање на Хајндл на 7-ми јуни, кога претседателот Ѓорге Иванов еден ден претходно ја тргна главната пречка за деблокирање на политичките преговори: целосно ја повлече одлуката за аболиција. Овојпат Хајндл доаѓа во атмосфера на „мртво море“, спротивно на уверувањата што ги доби пред да си замине од Скопје на 8-ми јуни: дека политичките лидери ќе седнат на иста маса за да разговараат за имплементација на договорот од Пржино, но и со уверување од техничкиот премиер Емил Димитриев - дека со прецизен акциски план „ќе следат реформи за да се стигне до надоградување на стандардите во правосудството, јавната администрација, безбедносниот сектор, медиумите и меѓуетничките односи“. Хајндл беше уверуван од Димитриев дека „дел од реформите ќе се спроведат веднаш, за дел ќе расправа Владата и ќе одлучува Парламентот, а дел ќе бидат формулирани преку поширок политички дијалог“.

Buchstabe O
Дебела нула во делот на сработеното: ниту има преговори, ниту реформи, ниту пак чекор напред во спроведување на Договорот од ПржиноФотографија: Colourbox

Резлутат - нула!

Еден месец подоцна, денеска Хајндл ќе биде дочекан со нула резултати. Лидерската четворка не седнала на иста маса цел месец, не се спроведуваат реформи, не е остварен политички дијалог, ниту има некаков чекор напред во реализација на Договорот од Пржино. И партиските претставници во Работната група, одбележаа симболичен учинок - само неколку средби, на кои не е постигнат напредок. Начелно ги доближија само ставовите за пречистување на Избирачкиот список, но ДИК треба да одлучи што со 40.000 спорни записи и со 172.000 граѓани кои повеќе од три месеци не живеат во земјата. Нема напредок ни во однос на медиумските реформи, особено по законот за рекламирање кој Владата го достави во Собранието. Ни Уставниот суд досега не се изјасни за уставноста на Законот за СЈО.

„Надоврзувајќи се на неговите претходни посети од минатите недели, амбасадорот Хаiндл одново ќе разговара со партиите-потписнички на Пржинскиот договор како и со претставници на меѓународната заедница“, соопшти вчера германската амбасада во Скопје. Засега никој нема одговор на прашањето дали овојпат Хајндл носи конкретен план во актовката, особено што во Скопје доаѓа непосредно по одлуката на Европската комисија да ѝ скрати на Македонија 27 милиони евра од ИПА-фондовите поради „недостиг на подготвеност и зрелост во планирање во клучните сектори, како и недостиг од политичка посветеност за реализација на потребните секторски и општи реформи“. Со оглед на застојот во преговорите за излез од кризата, поточно евидентното назадување во тој процес, аналитичарите проценуваат дека со новата дипломатска активност „драматично ќе се зголеми притисокот за решавање на политичката криза“. Деновиве и амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав, изјави дека „решението на кризата треба да биде прашање на денови, а не на недели и месеци“. Со оглед дека за неколку дена се очекува и посета на американската помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања, Викторија Нуланд, политичките аналитичари прогнозираат дека може да се очекува придвижување на Пржинскиот договор единствено под силен дипломатски притисок, „при што не е исклучен ни конкретен ултиматум“. Опозицискиот СДСМ очекува притисокот да биде насочен врз ВМРО-ДПМНЕ, односно врз Никола Груевски, имајќи ја предвид одлуката на ЕК, со која, како што велат, Владата е посочена како директен виновник за состојбите. И од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат посетата на странските дипломати да придонесе за надминување на политичката криза, во која според нив, земјата е втурната од Зоран Заев, а последиците ги чувствуваат сите граѓани.

Symbolbild Mazedonien Mazedonische Flagge QUER
Фотографија: MIA

Глумење активност

Според партиски извори, вчера имало обиди да се договори нова средба во Работната група, која ќе покаже волја за дијалог и ќе ги продолжи разговорите додека германскиот специјален пратеник е на средби со партиските лидери. Но, сѐ уште не е извесно дали таква средба ќе има претпладнево.

Меѓународните претставници во неколку наврати упатија апел до политичарите што поскоро да седнат на заедничка маса, да најдат излез од политичката криза, државните инетерси да ги стават над партиските и да ги спроведат потребните реформи нотирани во Извештајот на Рајнхард Прибе. Доколку не се одблокираат процесите за излез од кризата, земјата се соочува со опасноста да и бидат активирани мерки на меѓународен притисок. Покрај стопирањето на средства од европските фондови, тие мерки би се реализирале и преку откажување на покани за високо рангирани политичари од Македонија за билатерални и меѓународни посети (политичка екскомуникација), како и со ограничување на нивните патувања.