1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Харви сега ѝ се заканува на Луизијана

ЕМФ /агенции
30 август 2017

По Тексас, сега граѓаните на американската сојузна држава Луизијана треперат од бурата Харви. Граѓаните треба да снабдат со храна, вода и лекови за најмалку три дена.

https://p.dw.com/p/2j4Gz
USA Tropensturm Harvey in Texas
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. J. Phillip

Њу Орлеанс, кој во 2005 година беше опустошен од ураганот Катрина, сега се подготвува за Харви. Училиштата и институциите се затворени. Градоначалникот Мич Лендру на граѓаните им препорача да се снабдат со храна, вода и лекови за најмалку три дена и да не ги напуштаат домовите. Гувернерот на сојузната држава Луизијана, Џон Бел Едвардс, оцени дека најлошото веројатно допрва следува.

Весникот „Њујорк Тајмс“, повикувајќи се на информации на надлежните институции, пишува дека поради ураганот Харви досега животот го загубиле околу 30 лица. Притоа, се предупредува дека бројот веројатно ќе се зголемува откако поплавените патишта повторно ќе станат проодни и откако спасувачките екипи ќе успеат да влезат во сите поплавени објекти.

Хјустон: Се спасуваат и домашните миленичиња

Во меѓувреме состојбата во Хјустон останува драматична. Градоначалникот Силвестер Тарнер воведе полициски час за да се спречат грабежи. Освен тоа, тој издаде наредба да се отворат уште сместувалишта за луѓето во нужда. Според наводи на Црвениот крст, во Тексас во текот на претходната ноќ во сместувалиштата засолниште побарале околу 17.000 луѓе. Инфраструктурата во и околу градот е главно нефункционална. Спасувачките екипи се обидуваат со чамци да стигнат до луѓето кои се заглавени во своите домови.

USA | Tropensturm Harvey Trump besucht Houston
Американскиот претседател Трамп најави соработка со Конгресот околу пакет мерки за спасувањеФотографија: picture-alliance/MPI122/MediaPunch

„Нема политика во вода од два метра“

За да не ги попречува спасувачките акции, американскиот претседател Доналд Трамп не го посети Хјустон, туку вчера беше во градот Корпус Кристи. При посетата на противпожарната единица во градот тој ја пофали работата на спасувачите. „Тексас излегува на крај со сѐ“, рече Трамп. Тој подоцна во главниот град на Тексас, Остин, најави дека ќе соработува со Конгресот за да се донесе пакет мерки за спасување.

Според метеоролозите, Харви е втор по јачина ураган по Катрина, кој пред 12 години го опустоши регионот на Њу Орлеанс. Холивудската ѕвезда Сандра Булок најави дека ќе донира еден милион долари за жртвите од Харви. Парите ќе бидат донирани на Црвениот крст во Тексас. Луѓето треба да се издигнат над политичките разлики и да соработуваат во врска со поплавите, смета Булок: „Нема политика во вода висока два метра. Во водата од два метра има луѓе.“

„Ова е невидено“