Харадинај се враќа пред хашките судии
18 август 2011Косовските Албанци реагираат со разочараност и огорченост кон меѓународната правда поради новиот процес против експремиерот и поранешен командант на ОВК, Рамуш Харадинај пред Трибуналот за воени злосторства во Хаг.
Харадинај е обвинет за злосторства над Срби, Роми и Албанци во околината на Дечани сторени во 1998 година. Заедно со Харадинај, обвинети се и двајца пониски по чин, поранешни борци на ОВК, и негови потчинети Идриз Баљај и Љах Брахимај.
По првото судење, Трибуналот во април 2008 година ги ослободи од вината Харадинај и Баљај поради недостаток на докази, а Брахимај го осуди на шест години затвор.
Минатата година Трибуналот ја прифати жалбата на обвинителството по првичната одлука и наложи судењето да биде повторено за шест од вкупно 37-те точки на обвинението. Во образложението беше наведено дека на првото судење не се појавиле двајца клучни сведоци, бивши припадници на ОВК.
Политички гест или правда за сите?
За мнозинството граѓани на Косово, одлуката на Хаг е политички гест кон Србите за да се оправда функционирањето и еднаквоста на меѓународната правда за сите. „Шокирани сме што Харадинај ќе мора на судење по вторпат, откако првиот пат се докажа дека е невин“, вели еден граѓанин на Приштина.
За дописникот на германската агенција ДПА од Белград, Томас Бреј, реакциите во Приштина се веќе видено сценарио и во другите поранешни ју-републики.
„Клучното прашање кое треба да си го постават, без разлика дали се работи за Хрватска, Србија или Косово е дали угнетените, Албанците во овој случај, имаат право да прават секакви злосторства и притоа да останат неказнети. Тоа не може да биде. Секој поединец кој сторил злосторство мора да одговара за него“, вели Бреј.
Според Ардијан Арифај од тинк-тенкот „Клуб за надворешна политика“ од Приштина, Косовците се разочарани од меѓународната правда затоа што во Хаг не одговорал никој за злосторства над Албанците.
„Точно е дека Милошевиќ и неговите најблиски соработници беа обвинети за злосторства, но никој од извршителите на тие злосторства не одговораше досега“, вели Арифај.
Сведоците исчезнаа!
Од друга страна, очекувањата на косовската јавност дека осомничените за воени злосторства би се процесуирале во нивната матична земја, паднаа во вода поради одбивањето на голем број сведоци да сведочат или исто толку често, поради тоа што тие беа убиени. Таков беше случајот и со првиот процес на Харадинај во Хаг, кога сведоците буквално им исчезнуваа на обвинителите. Дел од вината за тоа сноси и меѓународната заедница, тврди Беџет Шаља од косовскиот Совет за човекови права.
„Важни сведоци беа убиени. Меѓународните претставници не успеаја да обезбедат адекватни програми за нивна заштита. Им ветуваа на сведоците нов идентитет, сместување во трета земја, но ништо од тоа не направија“. Затоа, според Шаља, Косово не може да отвори суд за воени злосторства, како на пример во Србија, и да ги процесуира воените злосторства.
„А без расчистување со минатото“, вели Шаља, „не може да има сегашност, ниту мир во иднина“.
Автор: Аурон Доди/Борис Георгиевски
Редактор: