1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Харадинај: иста насока и цел на Косово и на Белград – членство во ЕУ

25 јануари 2005

Деновиве во Приштина расте напнатоста во очекувањењто на разврската - ќе дојде ли писмо од Ден Хаг, потпишала ли Карла дел Понте обвинителен акт против Рамуш Харадинај, како што претходно објавија некои весници?

https://p.dw.com/p/Acx2

36-годишниот Харадинај од почетокот на минатиот месец е премиер на Косово и еден од некогашните команданти на таканаречената Ослободителна војска на Косово. Тој е осомничен за многубројни убиства и други ужаси сторени врз српски цивили. Можеби писмото од Ден Хаг е само прашање на време. Рамуш Харадинај признава дека веќе два пати бил повикуван на разговор од страна на приштинското Биро на Судот на ОН за воени злосторства во некогашна Југославија: “Тие сакаа да знаат што правев за време на војната во 1998-ма и ’99-та во западниот дел на Косово. Ним им го реков тоа, што му го кажувам и секому кој ќе ме праша. Разговорите траеја два дена, но севкупно беа кратки”.

Харадинај категорично ги отфрла обвиненијата од Белград дека за време на војната убил најмалку 67 лица: “Во никој случај. Никогаш не сум сторил воени злосторства, во такво нешто не бев заплеткан”.

Тој не прифаќа ни командна одговорност за обвинувањата дека издал наредба за 267 убиства. Во секој случај, Харадинај уште еднаш потврди дека ако биде обвинет, како што рече, “ќе ја изврши должноста како граѓанин и одговорен политичар”. Инаку, не сакал да шпекулира дали би дошло до безредија на Косово ако биде обвинет, токму како ни на прашањето што ќе се случи ако не биде наскоро решен дефинитивниот статус на Косово. За него освен независност друга можност не доаѓа предвид. Некогашниот бодибилдер и вратар, кој штотуку ги завршил студиите по право, гледа само една реална шанса за Белград да се утеши и да прифати независност на Косово: “Сметам дека Белград, значи Србија, конечно мора да се определи за една насока, една цел. Тоа се истата насока и цел што ги имаме и ние: имено, членство во ЕУ. Најдобрата понуда што меѓународната заедница може да му ја направи на Белград и на сите нам овде во регионов е еден конкретен план што Србија би ја направил зрела за членство во Унијата”.