1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Француски предлог за вечните „дремачи“ пред врата

6 јули 2022

Во рационалниот свет одговорот секогаш е рационален и детерминиран од тоа кој сака да влезе во клубот. Дали со тој што влегува, клубот ќе стане подобар или пак ќе треба да го издржува. Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/4Di7P
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Турција се откажа од најавуваното вето за членство на Финска и Шведска во НАТО. Ова е одлична вест, како за НАТО, така и за Европа, а истовремено е и одлучен и исправен чекор во битката на демократијата со автократијата/тиранијата. Се радувам на веста дека нашата алијанса ќе стане посилна и воено и економски и демократски. Две развиени демократии, со силна економија и одлично организирани и опремени армии се приклучуваат кон Алијансата.

Она што посебно ме фасцинираше е брзината со која овие земји влегуваат во алијансата. Ние Македонците сме вечни чекачи пред врата, па чекањето пред врата во период од 1 месец ни се гледа како еден миг. Ние си чекаме 30 години. На која и врата да тропнеме, вратарот, онака мускулест и со опасен поглед ни вика: приватна забава дечки, примаме само парови, несоодветно сте облечени, не сте „бањати" или пак ни кажува цена за влезница која не сме во можност да ја платиме или која е ненормално поскапа од влезницата која сите останати ја платиле или ја плаќаат. И така ние се прославивме како вечни „дремачи“ пред секоја врата. Секој што влегува, поминува покрај нас, ни упатува по некој охрабрувачки збор или оддалеку ни намигнува и културно и лесно си влегува во клубот. Ние, центарот на светот, најстарата цивилизација, потомците на Александар Македонски по татко и на Кирил и Методиј по мајка, потомците на цар Самоил како македонски цар и на Василиј Втори како византиски цар кој бил припадник на македонската лоза која неколку века владеела со Византија, тешко влегуваме во било кој клуб. За малце ќе го заборавев Јустинијан од скопското маало Таор. Изгледа дека попусто пред секоја врата се повикуваме на овие славни имиња. Одговорот секогаш е дечки не може да влезете, застанете малце на страна. 

Но, не е така за сите.

Турција е 10 пати побројна, посилна и поважна од Бугарија. Сепак, некако во рекордно време со решителен притисок и рационален договор беше ставена во позиција да го симне најавуваното вето за членство на Финска и Шведска во НАТО. Ако за толку кратко време, би рекол преку ноќ, можеше останатите наши партнери да ја убедат моќната и важна Турција, да се откаже од најавуваното вето за проширување на алијансата, зошто тогаш не можат нашите партнери да ја убедат слабата и сиромашна и не (толку) важна членка на ЕУ Бугарија да не го условува нашето членство во ЕУ? 

Болната реалност 

За жал во рационалниот свет одговорот секогаш е рационален и е детерминиран од тоа кој сака да влезе во клубот. Односно дали со тој што влегува, клубот ќе стане посилен, подобар, економски помоќен или пак ќе треба да го издржува и „да му ги плаќа пијачките на новиот гостин". Во случајот со Финска и Шведска е јасно, НАТО ќе стане воено посилен и финансиски помоќен, а воедно и ќе се зголеми бројот на развиени демократии во алијансата. Што ќе стане ЕУ со членството на Македонија и Албанија? Ќе биде економски посилна? Воено ќе зајакне? Пазарот драматично ќе и се зголеми? Ќе приклучи кон себе силни и високо рангирани универзитети или пак енергетски ќе зајакне?

Ех, ние да бевме Финска, а Албанија Шведска! Или барем да бевме економски, воено и демографски посилни од Бугарија!

Ама не сме. Далеку сме ние и од Финска и од Шведска и со овој ум, далеку и ќе останеме. И затоа убедувањето на силната и голема Турција да попушти и да се откаже од ветото одеше далеку полесно од убедувањето на слабата, сиромашна и иселена Бугарија да попушти и да се откаже од нејзината блокада. Ова е болната реалност. Се друго е самосожалување во стилот „Калимеро нема правда“. 

Да ја потопиме пругата 

Во претходната колумна посакав да се откажеме од праксата да ја зголемуваме и така преголемата администрација и на тој начин, самите да го финансираме стратешки важниот проект Вардарска долина.

Бидејќи малку е веројатно било која партија да се откаже од патолошката зависност да ја зголемува администрацијата заради згрижување на своите членови, предлагам овој грандиозен проект да започне со изградба на двете најголеми од вкупно 12-те хидроцентрали од Вардарска долина. Тоа се ХЕЦ Велес со средно годишно производство на електрична енергија од 310GWh и ХЕЦ Градец со средно годишно производство на електрична енергија од 243GWh. Проценетата инвестиција за двете хидроцентрали изнесува околу 320 милиони евра, со рок на изградба од 6 години. 

Самите да ги изградиме овие хидроцентрала на начин што ќе се направи конзорциум од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) со 10-тина најголеми македонски компании и ќе се обезбеди синдициран заем од македонските банки. Македонските банки често пати повторуваат дека имаат доволно пари, но нема доволно квалитетни проекти за финансирање. Ова, сигурно е еден таков проект, кој кога би бил започнат од еден ваков конзорциум, би требало да е интересен за македонските банки. Ако можеше македонските банки преку синдициран заем заеднички да финансираат изградба на трговски центар-Ист Гејт, тогаш сметам дека еден ваков проект од стратешко национално значење не би требало (смеело) да биде проблем. Овие две централи годишно ќе произведуваат електрична енергија над 550 GWh. За илустрација, според HUPX (референтна берза за електрична енергија), на 30 јуни 2022, цената на струјата се движела од 273 eur/MWh до 409 ЕУР/MWh. Ако 550 GWh се 550.000 MWh, доколку струјата ја продава на слободен пазар, овој конзорциум би инкасирал над 150 милиони евра годишно.

Затоа додека дремеме пред секоја врата, да се свртиме малку кон самите себе и да се фатиме за работа.

Додека се занимаваме со францускиот предлог, возот од Скопје до Велес ги сруши сите светски анти-рекорди поминувајќи ја оваа делница  од педесетина километри за неверојатни 4 часа. ХЕЦ „Велес“ целосно ја потопува железничката пруга Скопје – Велес на потегот од железничката станица Зелениково до преградното место.

Мислам дека од принцип треба да ја потопиме оваа пруга. 

 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.