1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

„Паѓаат“ маските на отворено

СН/агенции
31 мај 2021

Со оглед на драстично намалениот бројот на новозаразени од коронавирусот, сѐ поизвесно е ублажувањето на рестрикциите за македонските граѓани од утре- 1 јуни.

https://p.dw.com/p/3uCbw
Nordmazedonien | Coronavirus | Pandemie
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Според последните податоци во моментов во земјата има 1197 активни случаи на заболени од Ковид-19, што укажува на драстичен пад на бројките, како и добра основа за најавеното олабавување на мерките за заштита од Ковид-19, од страна на надлежните. 

Имено, откако во петокот македонската Комисија за заразни болести заседаваше, беше донесена одлука, врз основа на стивнувањето на пандемијата и намалувањето на бројот на активни случаи во изминатите недели, да се достави предлог до Главниот координативен кризен штаб за олабавување на рестриктивните мерки.

Од Министерството за здравство информираа дека  Комисијата до Штабот предложила од 1 јуни заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено. Маските на сите затворени места, јавен превоз и секаде каде не може да се одржува препорачана дистанца остануваат задолжителни.

Предлага и да престане да важи забраната за групирање на отворено – при групирање на повеќе лица останува препораката да се носат заштитни маски, да се дозоволи организација на свадби и прослави на отворено со максимум 50 проценти исполнетост на капацитетот во отворениот дел, но не повеќе од 100 гости. Максимум дозволен број на гости на една маса да биде шест.

Сѐ уште најголем број на новозаразени лица се бележи во Скопје. Од моменталните активни 1191 случаи, 506 се во Скопје. Според последните податоци, во Дојран и Демир Капија нема ниту еден активен случај. Од почетокот на епидемијата досега во земјата со коронавирусот се заразија 155269 лица,  оздравеа 148664, а починаа 5408.