Во првите борбени редови против стихијата
11 август 2021По уште една непроспиена ноќ, многу од нив и денеска ги очекува исцрпувачки ден со битки против пламените јазици како на оваа #ФотографијаНаДенот со оглед на тоа што неколку пожари и натаму се активни во земјата.
Критично е во кумановскиот и во прилепскиот регион, но и во селото Побожје, каде вчера беа запалени три куќи.
На терен освен македонските војници, полицајци, пожарникари и доброволци интервенираат и екипите од Австрија, Словенија, Бугарија и од Романија, а за денеска најавена е и помошта од Црна Гора и од Франција.
Повеќе:
-Австриски пожарникар повреден во пожарите во Беровско
-Менковски: Порано го спасувавме Солун, сега со странска помош ги гасиме пожарите
-Фотографија на денот: Со лопата во борба за спас на Малешевијата
Во гаснењето на пожарите досега се имаат вклучено околу 1.500 припадници на Армијата и над 580 полицајци. Македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска истакна дека во борбата против огнената стихија ангажирани беа и сѐ уште се, сите капацитети на Армијата, човечкиот потенцијал и воздухоплови за кои во ниту еден момент практично немало простор за одмор. „Ангажирани се пешадиски единици од Командата за операции, Првата бригада, специјалните сили и целосно беа ангажирани припадниците и воздухопловите на воздухопловниот ВИНГ“, потенцира Шекеринска.
Од МВР, пак, соопштија дека деноноќно на терен се и припадниците на сите специјални единици на полицијата: Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, Единицата за брзо распоредување и Посебната единица за поддршка.