1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фолксваген ќе ги доведе сите возила в ред

Зоран Јордановски/дпа,афп,ртр7 октомври 2015

Новиот шеф на Фолксваген, Милер најави мерки за надминување на последиците од скандалот со манипулираните издувни гасови. Досега нема пад на побарувачката на возила, а акциите на Фолксваген денеска забележаа голем скок.

https://p.dw.com/p/1GjwD
Фотографија: picture-alliance/dpa/J.Stratenschulte

Фолксваген планира во јануари 2016. да започне со акција на повикување на вонреден сервис на сите дизел-автомобили кај кои се правени манипулации за да се прикажат пониски вредности на штетните издувни гасови. Ова денеска во разговор за „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ (ФАЦ) го најави новиот шеф на Управниот одбор на концернот Матијас Милер. Фолксваген неделава ќе ги презентира техничките решенија, кои - ако бидат прифатени од надлежните германски органи (Сојузниот уред за моторни возила) - ќе бидат вградени во засегнатите автомобили. Според Милер, до крајот на 2016. година „сите возила би требало да бидат в ред“.

Matthias Müller Nachfolger Winterkorn Volkswagen
Новиот шеф на Управниот одбор на Фолксваген, Матијас МилерФотографија: Getty Images/A. Koerner

Четворица суспендирани, тројца од нив членови на УО

Станува збор за можеби 11 милиони автомобили со дизел-мотор од типот ЕА 189. „Кај најголемиот дел од нив доволно е актуелизирање на софтверот, што може да се изврши во локалната сервисна работилница“, изјави Милер за ФАЦ. Но, кај „некои возила можеби ќе бидат потребни нови инјектори и катализатори“. Со оглед на комбинациите на тој мотор со различни менувачи и на специфичностите за поединечни земји, нужни се „илјадници решенија“, вели Милер. За санација на штетите од скандалот Фолксваген одвои 6,5 милијарди евра.

Матијас Милер смета дека во манипулацијата учествувале мал број вработени, но тоа поточно ќе биде познато по неколку недели, кога ќе стигнат резултатите од интерните и екстерните истраги. Причина за манипулацијата, според неговите зборови, е дека со тој мотор очигледно не било можно придржување кон строгите американски прописи за издувните гасови. Досега поради скандалот се суспендирани четворица вработени, тројца од нив членови на Управниот одбор, кои во различни времиња биле одговорни за развој на мотори.

Deutschland VW Logo zum Abgasskandal
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Spata

Рестриктивни мерки за Фолксваген „повторно да блеска“

Матијас Милер е оптимист дека концернот Фолксваген ќе ја надмине кризата. „Ни се поткрадна тешка грешка. Сега мораме да ја преземеме одговорноста за тоа“. Но, Фолксваген има „силна супстанца и поради тоа најдобри изгледи по две до три години повторно да блеска“, смета Милер, кој застана на чело на УО на 25. септември, откако дотогашниот шеф Мартин Винтеркорн поднесе оставка поради скандалот.

Опоравувањето нема да оди лесно, севкупните финансиски последици уште не можат да се согледаат. Сега ќе бидат наново преиспитани сите планирани инвестиции. „Се’ што во моментов не е безусловно нужно, ќе биде отфрлено или одложено“, рече Милер на вчерашната средба со околу 22 000 вработени во Волфсбург. На сите 600 000 вработени во Фолксваген во погоните низ целиот свет, тој им порача дека заздравувањето нема да биде безболно, но вети дека ќе се бори колку што е можно за задржување на работните места.

Од претстојните мерки, како што навести Милер, нема да биде поштеден ни фудбалскиот клуб Волфсбург, кој е во 100-на сопственост на концернот и е финансиран со повеќе десетици милиони евра.

Борба за довербата на купувачите

Фолксваген со писмо им се обрати на муштериите во САД со извинување поради скандалот, со што ја нарушил довербата на купувачите. Во писмото се најавува дека колку што е можно побргу сите автомобили ќе бидат доведени в ред. Во борбата за довербата на своите купувачи, концернот и во Германија поведе голема рекламна кампања со извинување во весниците.

Скандалот досега не предизвика пад на побарувачката. Тој факт, како и чекорите што ги најави шефот на УО, придонесоа за скок на вредноста на акциите на Фолксваген до 6,6 проценти.

Deutschland VW-Skandal Abgase Symbolbild
Фотографија: DW/G. Rueter

Реформи за „нов почеток“

Паралелено со санирањето на штетите што произлегуваат од скандалот, Милер најави и голема претстојна структурна реформа и „нов почеток“ на Фолксваген. Концернот треба да биде „пошланк и побрз“, решенијата да не се донесуваат исклучиво во Волфсбург, од само еден или во најдобар случај неколкумина шефови. Треба да се развива „борба на аргументи“, да се надмине „климата на страв“, која и овозможила такви манипулации, односно да се воведе „темелна промена на културата“ во претпријатието.

Поединечните марки треба да добијат поголема самостојност и одговорност. Тие ќе бидат групирани: Ауди, Дукати и Ламборгини во една група, Порше, Бентли и Бугати во друга група. Но, Фолксваген, Шкода и Сеат остануваат засебни и нема да бидат групирани.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема