1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фирмата „Актор“ тврди дека работи законски

ЕМФ/ЖА/миа/макфакс14 март 2014

Сите активности и финансиските трансакции поврзани со изградбата на новата автопатска делница Демир Капија - Смоквица, се одвиваат согласно меѓународните и локалните закони и регулативи, соопшти компанијата „Актор“.

https://p.dw.com/p/1BPgo
Фотографија: picture-alliance/dpa

Секоја трансакција, вклучувајќи ги платите и надоместоците на вработените луѓе од Грција се покриени со договори и фактури, сите даноци се пресметани и платени и конечно сите плаќања се извршени преку банкарскиот систем согласно законот, се вели во соопштението до јавноста што денеска (14.03) го испрати компанијата „Актор“.

Вчера, Јавното обвинителство во Македонија покрена преткривична постапка за случајот „Актор“, а донесена е и времена мерка за блокирање на имотот и сметките на две трговски друштва во Македонија.

„Од Управата за спречување перење пари синоќа е доставен извештај до Основното јавно обвинителство за сомнителни трансакции и е поднесен предлог до надлежен суд за блокирање на имот на одредени трговски друштва и сметки за кои е веќе изречена времена забрана“, изјави вчера државниот јавен обвинител Марко Зврлевски одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Министерството за внатрешни работи.

Тој додаде дека Јавното обвинителство интензивно постапува и од аспект на трговските друштва и од аспект на лицата кои се вклучени. Министерката Гордана Јанкулоска, осврнувајќи се на обвинувањата од СДСМ за овој случај, рече дека има премногу коинциденции за да може да се оквалификува ваквиот настап на опозицијата како случајност.

„Времето како и секогаш досега ќе покаже која била вистинската цел и мотивација на оние кои на ваков начин настапуваат во јавноста, а инститиуциите ќе одговорат во рамки на надлежностите, изјави Јанкулоска.

Во врска со случајот „Актор“, Управата за финансиско разузнување преку соопштение пред два дена информираше дека навремено, согласно ингеренциите, ги има преземено сите мерки и дејства и оти по добиените првични сознанија на 11 ноември 2013. година отворила предмет за испитување на случајот и утврдување на сите факти, како и евентуално утврдување на постоење на одговорност. Воедно, од Управата апелираа случајот да се не политизира.