1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Од 330 илјади вакцинирани, од ковид се заразиле 92 лица

ДТЗ
27 јули 2021

Ако невакцинираните станат опасност за популацијата, тогаш ќе следуваат мерки, најавуваат надлежните.

https://p.dw.com/p/3y7bk
Nord-Mazedonien Gesundheitsminister Venko Filipce
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Процентот на македонски граѓани кои се заразиле со коронавирус и покрај примени две дози на вакцина е многу мал. Од околу 330 000 ревакцинирани граѓани, 92 заболеле од вирусот, вели министерот за здравство, Венко Филипче. 

Според министерот,  процентот на заболени лица кои се ревакцинирани е навистина многу мал, некаде околу 0,02 проценти што е уште еден доказ за тоа колку е корисна вакцината. „Апелирам повторно сите граѓани да се свесни дека тоа е единствниот начин да се смени сликата зa пандемијата“, вели Филипче.

-повеќе на темата: Мирно лето само со масовно вакцинирање

Досега во земјата досега се ревакцинирани 330 илјади граѓани, а се очекува од крајот на август таа бројка да стигне до 500 илјади граѓани. Од 1.800 пријавени деца под 18 години, досега се вакцинирани 630. Во тек е теренска вакцинација, а македонските здравствени власти ја проширија понудата на можности за имунизација против коронавирусот, со тоа што овозможија да се закаже и вакцинирање во домашни услови.Во август ќе се затвори вакциналниот пункт  за масовна имунизација во спортската сала „А1 Арена Борис Трајковски“ во Скопје. Вакцинацијата ќе се одвива во здравствените домови, а само во Струмица и Тетово ќе продолжат да работат спортските сали како пунктови за масовна вакцинација.

Засега нема рестрикции

Надлежните засега не размислуваат за воведување на рестриктивни мерки поради коронавирусот. Не се во план рестрикции на границите, ниту пак во земјата во однос на свадбите и другите настани на кои има масовно присуство на граѓани. Евентуални рестикции би можело да има наесен. Според Филипче, ако невакцинираните станат опасност за останатата популација, тогаш ќе следуваат мерки.

-повеќе на темата: Филипче најавува рестрикции - во кино и на настани само со сертификат за вакцинација

„Размислуваме дали е потребно нешто да се направи во есенските месеци, почнувајќи до септември“, вели Филипче. Надлежните ги следат искуствата во другите земји. Секаде во светот има дебата што и како треба да се прави. Размислувањата одат во правец на тоа дали треба рестрикција во однос на граѓаните што не се вакцинирани, некои земји воведуват брзи тестови за влез во маркети, места за културни настани итн.

„Сè уште не сме донеле одлука, меѓутоа, ако процениме дека ризикот од невакцинираните кон популацијата, вклучувајќи ги и вакцинираните е доволно голем, ќе воведеме рестриктивни мерки“, вели Филипче.