1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фед ја стави ЕЦБ под притисок

Жанг Дахонг/сн21 декември 2015

Американската централна банка (Фед) по речиси десет години за првпат ги зголеми каматите. Фед и ЕЦБ тна тој начин за првпат во историјата ќе одат во различни насоки. Тоа не ќе може да трае долго.

https://p.dw.com/p/1HQyD
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Nietfeld

„Мал чекор за Фед, голем за финансискиот систем“. Вака Улрих Катер, главен економист во германската банка ДекаБанк ја коментира одлуката на американските Федерални резерви за зголемување на основната каматна сапка, парафразирајќи ја притооа познатата изјава на американскиот астронаут Нил Амстронг при стапнувањето на Месечината. Двата настана додуша е тешко да бидат доведени на исто рамниште, меѓутоа промената во каматната политика во секој случај е епохална. „Фед на тој начин симболично ја погреба финансиската и банкарска криза од 2008 година“, вели Катер.

Откако Фед ја објави својата одлука, сега се нагаѓа колку бргу каматите ќе бидат зголемувани во наредната година. Германската банка Комерцбанк очекува каматната стапка до крајот на 2016 година да биде трипати зголемена за на крајот да достигне 1,25 насто.

Заради споредба, основната каматна стапка во земјите од еврозоната изнесува 0,05 насто. Европската централна банка на седница на почетокот на декември додуша не ја намали на нула, ама ги разлабави уздите кога станува збор за монетарната политика.

Дивергентна монетарна политика

Со тоа за првпат во историјата дојде до ситуација Фед и ЕЦБ да водат различни монетарни политики. „ Во мерката во која дивергенцијата ќе се заострува, еврото се разбира се позасилено ќе се ноѓа под притисок, со оглед дека капиталот заминува од зоните кои имаат помали камати и ја прави тамошната валута, во овој случај еврото, неатрактивна“, вели Фолкер Хелмајер, аналитичар на германската банка Бремер Ландесбанк.

USA Zinsentscheidung der US-Notenbank Fed
Фотографија: Reuters/L. Jackson

Еврото, кое од речиси 1,40 долари на почетокот на 2014 година, во меѓувреме падна на 1,08 долари противвредност, во текот на 2016 година ќе се изедначи по вредноста со доларот, гласи општото уверување. Некои дури сметаат дека еврото ќе биде уште послабо во однос на доларот.

„Со оглед на слабиот извоз токму САД немаат интерес еврото да биде значително послабо или појако од доларот“, вели Хелмајер за ДВ. Со други зборови: можностите на Европската централна банка дополнително да ја либерализира монетарната политика се ограничени.

Мартин Ванслебен, шеф на Германската индустриска и трговска комора, се надева дека ќе дојде до промена во размислувањето во ЕЦБ. „Одлуката на Американците би можела да ѝ помогне на ЕЦБ да размисли за својот претеран акционизам кој го спроведува во последните месеци. Бидејќи парите на нулта камата сами по себе нема да овозможат претпријатијата да инвестираат овде. ЕЦБ знае дека за тоа требаат многу подобри економско-политички услови.“

Примарната цел на евтините пари е промашена

И Фолкре Хелмајер од Бремер Ландесбанк смета дека примарната цел на проширување на кредитниот волумен со квантитативни мерки не е постигната. Само е постигната непрокламираната цел- слабеење на еврото- што би требало да ја поттикне конјунктурата во еврозоната, вели Хелмајер.

Но слабото евро не носи само предности. „Согласно тоа суровините кои се увезуваат стануваат поскапи ако еврото ја намалува вредноста“, вели Михаел Хитнер, директор на Институтот за германска економија од Келн.

Frankfurt bei Nacht EZB
Фотографија: picture alliance/dpa/F. Rumpenhorst

Освен тоа на еврозоната повеќе не ѝ требаат евтини пари бидејќи се зголеми конкурентноста на земјите“. Останува самоу уште аргументот со ниската инфлација. Во ноември таа во европската монетарна унија изнесувапе 0,2 насто- што е многу далеку од целта од речиси два процента. Шефот на Европската централна банка Марио Драги е загрижен дека еврозоната би можела да западне во маѓепсаниот круг на дефлација и се обидува тоа да го спречи со големо количество пари.

Сепак и на тој фронт наскоро ќе биде укинато предупредувањето од опасност. Според пресметките на Беремер Ландесбанк и на Институтот за светска економија во Кил во 2016 година инфлацијата ќе се зголеми. Сепак Фолкер Хелмајер не очекува дека наредната година ќе дојде до зголемување на основната каматна стапка во еврозоната: „Во 2016 година ќе имаме политика на мирна рака. Ама во 2017 година темата за зголемување на каматите ќе биде на дневен ред.“

Со оглед на тоа дека Марио Драги помалку или повеќе вети дека нема да ги чепка каматите додека трае програмата за купување државни обврзници, промени во каматната политика во еврозоната би можеле да следуваат дури во почетокот на 2017 година.