1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФАЦ: Премногу траги за партизираноста во Македонија

Б. Георгиевски/фац/дпа24 февруари 2016

Франкфуртер алгемајне цајтунг во анализата за состојбата во Македонија укажува дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги држи под целосна контрола институциите и медиумите

https://p.dw.com/p/1I0zt
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Границата меѓу Македонија и Грција станува фокусна точка на обидите да се ограничи неконтролираната масовна миграција кон северна Европа, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг. Прашањето е, пишува весникот, дали Македонија која нема избрана влада и во која владее политичка криза, може да се смета за стабилен партнер?

„Преговорите со Скопје се отежнати поради внатрешно-политичката криза во Македонија. По оставката на долгогодишниот премиер Никола Груевски под чие водство демократската клима од пред неколку години значително се влоши, Македонија е без демократски избрана влада и се спори околу терминот за новите избори“.

„(...)Опозициските политичари бараат да се усвојат три реформи за да се исполнат условите за фер избори. Најпрво се работи за изработка на нови гласачки листи затоа што на актуелните се наоѓаат и многу починати или отселени граѓани, кои ВМРО ги користи како манипулативна маса за изборна измама. Тврдењата на опозицијата дека актуелната влада ги користи неточните изборни листи за манипулации, се вечна тема во сите балкански земји уште од 90-те години. Најчесто се точни, но притоа нерегуларностите најчесто се користат од губитникот како оправдание за да се создава негативна атмосфера против победникот.

Другите два реформски приоритети се однесуваат на потребата од одделување на ВМРО од државата како и неговата контрола врз медиумите. Траги за ставањето капа врз државата од страна на ВМРО има многу. Најочигледен е кај спојувањето на државната и партиската моќ врз неодамна отвореното ново седиште на ВМРО- една мешавина од Катедрала и постсталинистички замок, како и помпезниот Музеј на македонската борба во Скопје, во кој македонската историја можеби не е целосно неточно претставена, туку повеќе еднострано од гледна точка на владетелот.
На тоа треба да се додаде дека Груевски наредил систематско прислушкување на илјадници граѓани, меѓу нив новинари, судии и дури и негови министри. Откако беа објавени снимките од разговорите Груевски ја негираше нивната автентичност на неубедлив начин.

Mazedonien Skopje Archäologisches Museum
Зградата на Археолошкиот музеј во СкопјеФотографија: picture-alliance/dpa/Georgi Licovski

Во масовните медиуми Владата систематски објавува огласи и на тој начин ја купува новинарската послушност. Пазарот на реклами во Македонија е толку малечок, што телевизиите, радијата и весниците не можат да преживеат од огласите на приватните претприемачи, а тоа го користи ВМРО со цел како најголем огласувач да врши влијание.

Сепак, западните дипломати во Скопје често пати превидуваат дека Груевски и ВМРО кај многу словенски Македонци уживаат голема популарност и веројатно ќе бидат успешни и на демократски избори.

Многу Македонци се уште по лошо се сеќаваат на клептократскиот режим на Социјалдемократскиот сојуз кој владееше до 2006“.

„(...) Во секој случај, внатрешно-политичката стабилност на земјата, на чија јужна граница Виена, Будимпешта и други европски главни градови сакаат да го запрат мигрантскиот бран, не изгледа добро“, заклучува Франкфуртер алгемајне цајтунг.

По огромен притисок од ЕУ и САД, Македонија го помести терминот за предвремените парламентарни избори од 24 април аз 5 јуни, јавува денеска германската агенција ДПА.

„САД и ЕУ претходно утврдија дека условите за фер и слободни избори не се исполнети. Во прв ред се работи за чистење на изборните листи од непостоечки гласачи. Дополнително, и медиумите треба да се ослободат од владиното влијание“.

Долгогодишниот премиер Никола Груевски, кој во меѓувреме поднесе оставка, за да го отвори патот за нови избори, долго време одбиваше да го прифати поместувањето на изборниот датум. Лут поради наводната еднострана позиција на Вашингтон и Брисел во корист на опозицијата, во последните денови тој ги прекина контактите со странските медијатори“, наведува ДПА.