ФАЦ: Македонските граници остануваат затворени за бегалците
27 октомври 2017Доколку социјалдемократите на премиерот Зоран Заев извојуваат победа и во вториот изборен круг на локалните избори в недела, тоа би можело да значи крај за долгогодишниот премиер Никола Груевски, пишува германскиот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во своето специјално неделно издание.
„Конзервативно-националистичката ВМРО-ДПМНЕ на Груевски, која со години е потресена од тешки корупциски скандали, на парламентарните избори на крајот на 2016 година освои најмногу гласови, но во парламентот го загуби мнозинството, затоа што никој не сакаше да коалицира со неа.
Во изминатите недели, Груевски ги употреби сите средства, преку еден бран на национализам, барем да ја задржи власта во најважните градови во државата. Па така, тој бараше референдум за наводниот план на Заев, да насели повеќе илјади мигранти од Блискиот исток во Македонија. Владата тврди дека таков план не постои, а на Груевски не му успеа да го убеди мнозинството од гласачите во спротивното - затоа што и самите Македонци знаат дека ниту еден мигрант не сака доброволно да остане во нивната земја“.
ФАЦ понатаму ја опишува Македонија како една од најсиромашните земји на Балканот која мака мачи да ги задржи и сопствените граѓани кои сѐ помасовно заминуваат во правец на Западна Европа. Она што останува како дилема, пишува натаму весникот, е како новиот премиер Заев ќе се однесува кон граничната ограда изградена во 2016 година „од неговиот претходник Груевски проследен со аплауз од унгарскиот премиер Виктор Орбан и австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц“.
„Во мигрантската криза Груевски се позиционираше на крајната десница, во близина на Орбан и со симпатии за рускиот претседател Владимир Путин. Социјалдемократот Зоран Заев, од друга страна, припаѓа кон мејнстримот на европската левица - дали тоа значи дека ќе ја размонтира жичената ограда кон Грција или едноставно ќе се откаже од граничната контрола?
Не, вели македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров.
'Македонија е одговорен и веродостоен партнер партнер на ЕУ и и понатаму ќе прави сѐ што е во нејзина моќ, за да ја држи затворена Балканската рута. Тоа е во интерес на Македонија, на Европа и на мигрантите, кои најмногу страдаа во хаотичната и несредена ситуација во 2015 година“.
„Скопје ќе продолжи, со помош на полициите од повеќе ЕУ држави, да ја штити македонската граница“, пишува ФАЦ.