1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Короната ги меша наново картите во фармацевтската индустрија

Томас Колман
28 јуни 2021

Фармацевтската индустрија не е големиот добитник во пандемијата, но долгорочно ќе профитира од искуството со вакцините и лековите против Ковид-19.

https://p.dw.com/p/3vKEr
WHO-Zulassung für chinesischen Impfstoff Sinovac Biotech
Фотографија: Donal Husni/ZumaWire/dpa/picture alliance

Без соработка и примена на нови технологии, како вештачката интелигенција, развојот на вакцина против Ковид-19 во рекордно време немаше да биде можен. Алијансата на фирмата од Мајнц, Бионтек, и американскиот фармацевтски џин Фајзер, за десет месеци го постигна она што досега беше можно во просек за седум години - развој на вакцина, нејзино клиничко тестирање, дозвола од страна на надлежните и излегување на пазарот. Ваквиот тренд на соработка помеѓу традиционални фармацевтски концерни и иновативни биотек-фирми ќе продолжи и по пандемијата на корона, сигурни се авторите на студијата на консултантската компанија EY, Клаус Орт и Александер Нујкен.

Идните истражувања ќе бидат многу променети пред сѐ поради поуките од развојот на вакцина во рекордно време. На почетокот на јуни 2021 година, според истражувањето на EY, во различни фази на развој или веќе излезени на пазарот биле 260 вакцини и 506 лекови против коронавирусот. Освен тоа, браншата во меѓувреме нуди и над 1000 тестови за докажување инфекција со коронавирус.

Symbolbild Forschung Impfstoff Coronavirus
На почетокот на јуни 2021, во различни фази на истражување и развој или веќе излезени на пазарот биле 260 вакцини и 506 лекови против коронавирусотФотографија: picture-alliance/PantherMedia

Борбата против ракот доминира и натаму

Борбата против пандемијата на коронавирусот во 2020 година предизвика значително поместувања на тежиштата на големите производители на лекови во светот. Така, стопирани беа 80% од сите студии за лекови кои не се поврзани со Ковид-19. Сепак, борбата против вирусот и по речиси година и половина не доведе до фундаментални пресврти во фармацевтската индустрија. Зашто, исто како и претходно, и натаму најгоре на листата на најважни производи стојат лековите против рак. Тие и во 2020 година беа најважниот „мотор“ на профитот во браншата.

Повеќе:

Делта-варијантата го загрозува постигнувањето имунитет на стадо

Лекари во Индонезија болни од Ковид и покрај вакцинацијата со Синовак

КјурВак недоволно ефикасна, дозволата за Спутник се одлага до есен

Корона-кризата во 2020 година значително го закочи подемот на најголемите фармацевтски компании во светот. Додека светската економија бележеше пад од 3,5%, обртот на 21 најголеми фармацевтски компании се зголеми за 4,4%, но во 2019 година изнесуваше 12,8%. Корона-кризата предизвика пред повисоки издатоци за истражување и развој.

Експертите на консултантската компанија EY за својата студија ги земаат под лупа билансите на 20 најголеми фармацевтски компании во светот плус фармацевтскиот концерн Merck KGaA од Дармштат „поради големото значење на претпријатието за фармацевтските пазари во Швајцарија, Австрија и Германија“.

Истражувањето ја нагласува доминацијата на фармацевтските компании со седиште во САД, кои минатата година учествувале со 51% од обртот на средства во браншата ширум светот.

Weltspiegel 12.05.2021 | Corona | USA Impfstoff Pfizer BioNtech
Најголемо влијание за новото мешање на картите во фармацевтската индустрија има пробивот на мРНК-технологијата, односно постапката врз која почиваат вакцините на Бионтек/Фајзер и МодернаФотографија: Chris Aluka Berry/REUTERS

Како натаму?

Покрај четирите вакцини против Ковид-19 кои веќе имаат дозвола од Европската агенција за лекови ЕМА, на почетокот на јуни, според EY, во третата, што значи последната фаза на развој биле уште 17 други вакцини. Од околу 260 кандидати за вакцини ширум светот, меѓутоа, „најголемиот дел никогаш нема да завршат на пазарот“, нагласува Александер Нујкен.

Поради ширењето на варијанти на коронавирусот, и натаму ќе се истражува наголемо во сферата на вакцини, но само кандидатите кои се во фаза 2 или фаза 3 ќе имаат шанса да се појават на пазарот. Според проценката на експертите на EY, важни ќе останат и молекуларните тестирања за откривање на нови варијанти на вирусот, што пак ќе им дојде добро на понудувачите на дијагностика.

Сепак, она што има најголемо влијание за новото мешање на картите во фармацевтската индустрија е пробивот на мРНК-технологијата, односно постапката врз која почиваат вакцините на Бионтек/Фајзер и Модерна. А, влијание врз создавањето нови алијанси ќе има и сознанието дека до успех може да се стигне и за кратко време, преку соработка и нови технолошки патишта. Нујкен смета дека во сферата на истражувањата и развојот ќе никнуваат нови партнерства, односно ќе има нови преземања на биотек-ноу хау од страна на традиционалните фармацевтски џинови.

И, поради тоа што оваа пандемија, според проценката на EY-експертите, нема да биде и последна, многу работи одат во прилог на тоа дека „пазарот за вакцини со двоцифрен број во милијарди“ и натаму ќе добива на значење.