1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фантомите од Белград

Ивица Петровиќ/бг19 мај 2016

Зошто и по речиси четири недели не се знае кој, под закрилата на ноќта, ги урна деловните и приватните објекти во Белград? Дали во Србија законот важи за сите или кога се виновни „нашите“, тогаш тоа не е кривично дело?

https://p.dw.com/p/1Ipko
Фотографија: imago/Pixsell/SrdjanxIlic

Арогантното уривање на деловните и приватни објекти во белградската населба Савамала уште е водечка тема во Србија. Околу 30 луѓе со фантомки на главите, и со помош на багери урнаа во текот на изборната ноќ на 24 април повеќе објекти на две улици. Сето време, целиот дел на градот неколку часа бил блокиран, случајните минувачи биле приведувани од непознати маскирани лица, одземани им се мобилните телефони, а некои биле сместени и во импровизиран притвор во ближните шупи.

Заговор со молк

Оттогаш практично трае заговор со молк. Градските власти упорно повторуваат дека не знаат кој и за чија сметка ги уривал објектите, а полицијата нема одговор на прашањето зошто го одбила повикот од граѓаните да направи увид. Републичките власти и премиерот Александар Вучиќ исто така тврдат дека не знаат ништо. Фирмата „Белград на вода“ која се наоѓа веднаш до урнатите објекти, исто така наведува дека не знае кој ги врзувал работниците на обезбедување и ги уривал зградите.

Гласниот молк на власта само покажува дека зад целиот случај всушност стојат политички наредбодавци, вели за ДВ извршниот директор на Белградскиот центар за безбедносна политика Предраг Петровиќ.

„Тука треба да се бара и одговорот на прашањето зошто ни по повеќе недели потоа ние и натаму не знаеме кој го сторил тоа, иако се работеше за голема операција во самиот центар на градот, во која учествуваа 30 маскирани луѓе, камиони го блокирале сообраќајот, а сето тоа се снимало“, вели Петровиќ.

„Проблемот во овој случај е што ние имаме ситуација во која се смета дека ако нешто сторат 'нашите' тогаш тоа не е кривично дело“, вели за ДВ адвокатот и екс заменик министер за полиција Божо Прелевиќ.

Serbien Belgrad Zerstörung von Häusern im Stadteil Savamala
Повеќе објекти во близина на проектот „Белград на вода“ беа срамнети со земјаФотографија: imago/Pixsell/SrdjanxIlic

„Кога велам 'наши' мислам на актуелната власт и нејзините соработници, бидејќи се поставува прашањето кој би се осмелил среде ноќ на таков начин да урива нешто, а да не знае дека зад себе ги има власта и полицијата за која знае дека нема да интервенира. А инаку, за власта е многу лесно да утврди кој стои зад тоа“, вели Прелевиќ.

Или партиска книшка или странство!

Целиот случај покажува дека реформите во секторот на безбедноста биле неуспешни, додава тој. Тоа значи дека секторот не е деполитизиран и декриминализиран, и дека не е разбиен клиентелистичкиот однос меѓу политичарите и луѓето кои работат во институциите на безбедноста.

„Граѓаните во таков систем имаат две можности: да се зачленат во некоја од владејачките партии или да се иселат. Бидејќи, кога законот не важи еднакво за сите, државата престанува да постои. Дополнителен проблем е што на многу граѓани таквиот начин на владеење и однесување им се допаѓа“, вели Прелевиќ.

Предраг Петровиќ вели дека преседанот од овој случај ќе има многу негативно влијание.

„Ова е опасен преседан и утре може да се случи на било кој граѓанин на Србија некој да му дојде на приватниот имот, да му ја урне куќата, затоа што едноставно му е потребна таа парцела или имот, и сето тоа да нема никакви последици“.