1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставниот референдум во Србија и Косово како преседан за другите сепаратистички покраини во светот

27 октомври 2006

Германските весници денеска му посветуваат внимание на референдумот за новиот Устав на Србија, што ќе се одржи в недела. При тоа вниманието е насочено и кон последиците што веројатното прифаќање на новиот устав ќе ги има за статусот на Косово.

https://p.dw.com/p/Ae5T
Каде се‘ ќе се вее уште српското знаме?
Каде се‘ ќе се вее уште српското знаме?Фотографија: AP

“Франкфуртер рундшау“ ја насловува статијата за рефрендумот во Србија со: “Противниците на идниот устав немаат шанси“. Во неа читаме:

“На гласање стои нацртот што парламентот во Белград веќе го усвои во септември. Доколку и апсолутното мнозинство на Србите со право на глас се изјаснат за него, тогаш уставот треба уште еднаш да ја добие согласноста на српскиот парламент и тоа со дво- третинско мнозинство. Граѓаните на Косово немаат право да учествуваат, иако одредбите од новиот устав многу ги засегаат. Во преамбулата имено се вели дека Косово и Метохија се интегрален дел на српската територија.

Предлогот наидува на критика од про-европските сили, како и од покраината Војводина. Тие критикуваат дека документот не бил ставен на јавна дебата. Противниците, предводени од Либерално демократската партија на Чедомир Јовановиќ, повикуваат на бојкот на референдумот“ - читаме во статијата на “Франкфуртер рундшау“.

“Косово како пример“

е пак насловот на написот во “Зидојче цајтунг“ во кој станува збор за опасноста Косово да стане преседан што ќе повлече лавина други региони во светот, што бараат независност.

“Според меѓународното право Абхазија, мала сепаратистичка република на брегот на Црното море, и‘ припаѓа на Грузија. Тоа се чини никој не го оспорува. Но, ваквиот привид лаже. Ако меѓународната заедница му одобри независен статус на Косово, тогаш не може да му се спротистави на истото такво барање на Абхазија. Дека Косово може да има функција на преседан во меѓународната политика со далекусежни последици предупредува и рускиот претседател Владимир Путин. Неговата порака е пред се‘ упатена до меѓународната заедница, таа е јасна и вознемирувачка: Косово може да предизвика лавина. Истото впрочем го зборуваат дипломатите и експертите веќе подолго време.

На подрачјето на поранешниот Советски Сојуз има барем четири вакви проблематични региони: тоа се Абхазија и Јужна Осетија во Грузија, Транснистрија во Молдавија и Берг Карабах, околу кого се караат Ерменија и Азербејџан. Сите тие се т.н. замрзнати конфликти, кои по потреба можат повторно да бидат разгорени. Индиции во таа насока веќе има. Путин постојано нагласува дека сака да спречи избувнување на насилство, но острината на најновиот спор со Грузија околу четворицата руски офицери обвинети за шпионажа, покажува дека Русија се клати меѓу улогата на пожарникар и онаа другата на подметнувач на пожари во регионот. Поранешната светска сила Русија, што се бори за враќање на загубениот статус, не е подготвена да го прифати свртувањето на поранешните советски републики Грузија и Молдавија кон Западот. За да го успори или дури попречи ваквиот развој, Кремљ го користи влијанието врз сепаратистичките покраини во регионот.

За преговорите околу статусот на Косово ова претставува тешко бреме. Секое решение што ќе биде донесено против волјата на Србија, ќе биде сфатено како бланко чек за барањето независност на Абхазите и другите етнички групи на територијата на поранешниот Советски сојуз“ - смета авторот на статијата во “Зидојче цајтунг“.