1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Успехот на Ердоган - на кредит

С.Каспер,аш/С.Недевски12 август 2014

Многумина во Турција гласаа за Ердоган поради благосостојбата која изгледа се шири низ земјата. Но растат и долговите, а неизвесно е и како ќе заврши апелот на Ердоган дека на „добрите муслимани“ не им се потребни камати

https://p.dw.com/p/1Css4
Фотографија: picture alliance/AA

Неспорно е дека брутодомашниот производ (БДП) на Турција, од кога Реџеп Таип Ердоган стана премиер во 2003. година, речиси се зголеми за четири пати. Неговата влада масивно вложуваше во инфраструктура, во мостови и патишта, пристаништа и железнички линии... Тоа е проследено и со големи вложувања на приватни инвеститори во облакодери, трговски центри и луксузни хотели. Стара е политичката вистина дека секој избира онака како што му го зборува неговиот паричник - и тука Турците навстина имаа причина да го изберат Ердоган.

Но, проблем е што многу работи се изградени со помош на кредити, а замавот на економскиот раст се губи. Од 2008. година турскиот БДП порасна уште само за третина, но во истиот период заемите од приватниот сектор пораснаа за повеќе од четири пати. Затоа колумнистот од весникот Форбс, Џеси Коломбо смета дека Турција својот раст го платила со голем меур заеми - и оти тој меур ќе пукне секој момент.

Türkei Istanbul Blick über den Bosporus
Фотографија: picture-alliance/Arco

Дотолку повеќе што турскиот премиер со задоволство го истакнува верскиот пропис со кој на муслиманите би требало да им биде забрането лихварство, односно собирање камати за заемите. „Долгорочно, сакаме да ги укинеме реалните камати за луѓето да можат да ги зголемат своите приходи со работа, а не со камати“, изјави Ердоган во Истанбул пред претставниците на муслиманското економско здружение на Турција во мај 2011. година. „Во еден момент сакаме да ги изедначиме каматите и стапката на инфлација.“

Многу пари значи - инфлација

Иако, верата дозволува муслиманите да се задолжуваат само во 3 случаи: ако им се итно неопходни за живот, кога купуваат стан или куќа и ако им е потребно за женидба. Дури и вака тоа доведе до експлозија на цените на недвижностите, посебно во метрополата Истанбул, а граѓаните на Турција со задоволство се вклучуваат и во дискусија, што значи „неопходно за живот“. Некому тоа би можело да му значи и нов автомобил или јахта.

Но, тоа секако доведува до остри битки меѓу владата на досегашниот премиер Ердоган и турската централна банка. Многу кредити и ниски камати нужно водат до многу турски лири во оптек и тогаш доаѓа до големото прашање - дали националната валута може да ја одржува својата вредност во однос на странските валути? Турција и тоа како има искуство со инфлација, а таквата политика доведе „новата“ лира минатата година да загуби една петтина од својата вредност во однос на американскиот долар.

Präsidentschaftswahl in der Türkei Erdogan Anhänger 10.08.2014
Фотографија: Getty Images/AFP

Затоа турската централна банка ЦБРТ на почетокот на годината драстично ја зголеми каматната стапка - и секако, ги направи кредитите поскапи. Таа практично немаше избор, затоа што речиси 90 проценти од инвестициите на фирмите во Турција се врзани со некоја странска валута. Падот на лирата привремено запре, но не и лутината на премиерот Ердоган.

Прекрасен подарок за избирачите

Тогаш се покажа кој навистина одлучува за каматната стапка: Турската централна банка или Ердоган - а, како претседател тука ќе има уште помалку недоумици. Имено, Централната банка во јули по трет пат оваа година ја намали каматната стапка за да ги задоволи желбите на турската влада за „нула камата“ и секако дека (задолжените) турски избирачи поради таа причина со задоволство го заокружија името на Ердоган на гласачките ливчиња на претседателските избори.

Секако дека турската берза радосно ја дочека победата на Ердоган со раст на вредноста, но странските економски стручњаци не се многу сигурни дека сето тоа ќе се заврши добро. Од една страна Ердоган не штеди со новите, големи инвестициски планови, но „нервозниот“ курс на турската лира во однос на доларот и еврото покажува дека пазарот е веќе „жежок“ и оти повторно би можело да дојде до сериозна инфлација.

Бидејќи „нула проценти“ камата веќе не им се допаѓа на странските инвеститори во Турција и тие со задоволство ќе ги вложат парите во некоја земја каде им се нуди поголема добивка, проследена со политичка стабилност. Најголем проблем овие денови е - да се пронајде таква земја.