1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сериозен инцидент во воздушниот простор на НАТО

Роман Гончаернко / ЕМФ25 ноември 2015

Соборувањето на рускиот авион е уште една потврда за компликуваноста на состојбата со сириската војна. Какви опасности сега се закануваат, особено во однос на планираната анти-ИД коалиција, за ДВ објаснува Чан Касапоглу.

https://p.dw.com/p/1HC7k

ДВ: Дали можеше да се очекува ваков инцидент?

Касапоглу: Турција стави јасно до знаење дека нема да ги менува своите правила на стапување во акција и дека нема да има обѕири кон националноста на авионите кои би го повредиле нејзиниот воздушен простор. Пред само еден месец Турција собори руско беспилотно летало. Турските власти ја предупредија Русија да не го повредува турскиот воздушен простор. Турција покажа дека нејзините правила на стапување во акција се робустни и не треба да се ставаат на тест, ниту од сириска ниту од руска страна.

Што мислите, зошто руски воен авино летал во тој простор?

Сухој Су-24 се бомбардери. Кого бомбардирал авионот? Туркменските борци од сириската армија, кои како Сиријци со туркменско потекло се борат против сирискиот режим со поддршка на Турција. Зборуваме за околу 5000 до 9000 борци кои зборуваат турски. Тие беа под силен оган на сириските воени сили, кои долго ја имаат поддршката на Русите и Иранците. Тоа ја фрустрира Турција. Една од причините е што по нападите во Париз, на самитот на Г20 во Анталија, Анкара и Вашингтон дискутираа за шансите за подобри и поинтензивни заеднички воздушни операции над Сирија.

Овие воздушни операции беа замислени како поддршка за анти-Асад единиците на сириско копно. Значи, за Слободната сириска армија и туркменските борци. Наспроти тоа, Сиријците, Русите и Иранците се здружија против Турменците, како „заменска казна“ за Турција. Воениот авион го повредил турскиот воздушен простор. Тоа е сериозен инцидент. Да се надеваме дека на јужниот браник на НАТО нема да настане ситуација како кај балтичките држави.

Can Kasapoglu Militäranalyst am EDAM in Istanbul
Чан Капасоглу, воен аналитичарФотографија: Privat

Што мислите со тоа?

Повредите на воздушниот простор на балтичките држави од страна на Русија во меѓувреме се на дневен ред. Не би сакале тоа да се случи и на јужниот браник на НАТО, кој го опфаќа и турскиот воздушен простор.

Првпат една членка на НАТО собори руски воен авион. Што значи тоа за односите на Русија и НАТО?

Ескалацијата не ги погаѓа НАТО-членките на Балтикот, но погаѓа моќен воен играч на алијансата - Турција. Анкара досега имаше добри односи со Русија. претседателот Ердоган нагласи дека Русија би можела да загуби пријател доколку и натаму се однесува на тој начин. Русија досега имаше добри односи со Турција особено во делот на трговијата и енергетиката. Најновите настани би можеле да бидат дополнителен фактор за промена на ваквите односи.

По терористичките напади во Париз, Русија врши притисок за меѓународна коалиција против Исламска држава. Што овој инцидент значи за ваквите планови?

Ако Русија навистина сака да биде дел од оваа анти-ИД коалиција, тогаш пред очи треба да има да има други цели на сириска територија. Од почетокот на руските операции помалку во фокус е ИД, а повеќе умерената сириска опозиција. Второ, наместо да го повредува воздушниот простор на НАТО, би било подобро Русија да се усогласува со останатите актери од анти-ИД коалицијата.

Д-р Чан Касапоглу е научен соработник и воен експерт на Колеџот на НАТО за одбрана во Истанбул