1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Унгарија: Спор околу споменикот на жртвите на нацистичката окупација

П.Туцек/С.Недевски3 август 2014

Владата во Будимпешта неодамна одобри изградба на споменик кој треба да потсетува на окупацијата на земјата во Втората Светска Војна. Еврејските здруженија и историчарите жестоко го критикуваат споменикот.

https://p.dw.com/p/1C1TL
Фотографија: THOMAS COEX/AFP/Getty Images

Овојпат се собраа 18 противници на споменикот - и изгледаат некако загубени меѓу сите овие полицајци. Владата прати 200 чувари на редот, демонстрирајќи сила во центарот на Будимпешта.

Демонстрантите и покрај тоа се одлучни да го запрат владиниот проект. Сметаат дека споменикот за сеќавање на нацистичката окупација на Унгарија не би смеел да изгледа вака. Имено: орел на германскиот Рајх од висина од 7 метри го напаѓа архангел Габриел кој би требало да ја преставува недолжна Унгарија. За Иван Ковеш, кој го преживеал холокаустот, ова е непобитен доказ дека владата сака да ја намали улогата на Унгарија во холокаустот и да го одврати вниманието од сопствената одговорност.

„Се’ уште се сеќавам. Петмина жандарми и 5 или 6 припадници на унгарските фашисти влегоа внатре. Сите моравме да се наредиме, а тие броеа и го убиваа секој пети. Користеа митралези.“ . Тогаш Иван Ковеш тогаш имал 18 години и исто така требало да биде стрелан. Го поштедиле само затоа што е музичар и затоа што морал да им отсвири нешто на убијците. Наместо него бил убиен друг човек. Ковеш ја преживеа војната. Виолончелото и натаму е негова голема љубов.

Auschwitz Häftlingstransport aus Ungarn
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во 1956. година побегна од комунистите и отиде во Германија. Таму беше познат челист и фотограф. Во татковината Унгарија се врати пред 20 години. Вчудовиден е од планираниот споменик.Во оваа зграда во Будимпешта Иван Ковеш беше затворан повеќе пати - во војната од страна на унгарските фашисти, а потоа од страна на комунистичката тајна служба. Денес ова е музеј кој потсетува на ужасите на тоталитарните систем.

Меѓутоа, жртвите на унгарските фашисти речиси и да не се споменуваат, поголемиот дел од изложбата е посветен на жртвите на комунизмот.

Марија Шмит е директорка на музејот и блиска соработничка на премиерот Орбан. Интервјуто кое го договоривме со неа ненадејно го откажа. За споменикот на нацистичката окупција не сакаше ништо да каже.

Припадниците на еврејската заедница во Будимпешта се вчудовидени. Сметаат дека споменикот на окупацијата го фалсификува сеќавањето на 430 илјади депортирани и убиени унгарски Евреи. Истакнуваат дека антиеврејски закони, депортации и убиства имало и пред Хитлерова Германија да ја окупира Унгарија. И рациите на унгарската жандармерија биле спроведувани со голема бруталност.

„Унгарската држава не беше само жртва на германската окупација, туку и активен учесник во она што се случуваше. Сметаме дека на 70-годишнината од холокаустот конечно би било време да се преземе одговорност. Извинување не е доволно. Политиката на премолчување и туркање на работите под килим е погрешна.“, вели Жужана Тороњи од Еврејската заедница во Будимпешта

Gedenken für Opfer des Holocausts in Budapest ARCHIV 2013
Фотографија: picture-alliance/dpa

Само стотина метри од местото на кое би требало да стои споменикот на окупацијата се наоѓа бистата на Миклош Хорти, кој беше сојузник на Хитлер и ја одобри депортацијата на унгарските Евреи во Аушвиц. Статуата ја постави екстремно десничарската партија Јобик, а владата на Виктор Орбан тоа го толерира.

„Се врати духот на тоа време. Овој споменик на Хорти го оживеа она што го доживеавме за време на окупацијата, во Втората светска војна.“, се жали Иван Ковеш.

Како Евреин веќе одамна не се чувствува пријатно во својата татковина, но е сепак предоцна повторно да емигрира, вели Иван Ковеш. Тој се надева дека владата во Будимпешта барем ќе го запре проектот за споменикот.