Унгарија како магнет за Кинезите
6 декември 2010Основна дејност на Кинезеите е трговијата. Тие ја увезуваат робата од Кина и ја продаваат во Унгарија за релативно ниски цени, квалитетот при тоа не игра голема улога. Најважна е ниската цена. Среде Источна Европа се наоѓа најголемиот кинески трговски центар на стариот континент. Во трговскиот центар Гајсхас и Миг Вазен се сместени околу стотина кинески продавници.
Во Унгарија денес живеат повеќе од 12.000 доселеници од Кина. Тоа се 4.000 повеќе отколку пред десет години. Станува збор за вистински бум на доселување, велат експертите. Луцен Маи е сопственичка на дуќан во центарот. Нејзиниот работен ден трае 16 часови, а освен тоа е самохрана мајка и има две ќерки. Помалата ќерка добро го зборува унгарскиот јазик и оди во унгарско училиште, но постараta 11 годишна Зенг Зи Јанг има потешкотии и посетува специјално унгарско-кинеско училиште, што беше отворено во 2004 година во Будимпешта.
„Станете“,наредува наставничката по математика на првиот час. „ Покорно кажувам, госпоѓо наставничке, дека одделението е целосно. Вкупен број на ученици 19, отсутни нема. Одделението е подготвено за првиот час по матеметика“-вели еден ученик.
Наставата се одржува на унгарски
Наставата се одржува на унгарски, но има предмети што се предаваат само на кинески.
Во одделението се наоѓа и унгарската ректорка Шушана Ердеји. Таа со нејзиниот кинески ко-ректор добро соработува, но проблемите се заобиколуваат, наместо заеднички да се решаваат. „Наставата се одржува според унгарски наставен план. Но, има одредени предмети што се предаваат исклучиво на кинески, како што е наставата по уметност на пример.“
Уметноста е голем домен на демократската опозиција во Кина, затоа таа сака да го има главниот збор на ова поле. Освен тоа, земјата го финансира училиштето во Будимпешта.
Градот се разбира сака да профитира од Кинезите, бидејќи се отвараат нови работни места. Во 1991 година Унгарците ги укинаа визите за Кинезите, подоцна беа повторно воведени, но со олеснувања за кинеските претприемачи. „Се разбира, дека членството на Унгарија во ЕУ делуваше како магнет за Кинезите. Тие ја користеа нашата земја како одскочна штица во правец на Западна Европа. За кинеското општество ние сме мост меѓу Исток и Запад“-вели Атила Кис, заменик директор во Службата за миграција.
Унгарија е одскочна штица во правец на Западна Европа
Со ова се согласува и сопственичката на продавница Луцен Маи. И таа сака еден ден од трговскиот центар во Будимпешта да отиде во Западна Европа. „Во моментов се обидувам да отворам интернет –шоп за да можам да продавам и во Западна Европа.“ Главниот бизнис на Маи е продавањето венчални фустани по цена од 500 евра. Ефтино за европски услови, затоа што се увезени директно од Кина. Луцен Маи бара модели од списанијата за венчавки, одбира модел и го праќа во Кина. По неколку недели, фустанот заедно со останата роба, се испорачува со брод во Будимпешта. Ефтино, а убаво. Имено, цената е најважа во кинескиот трговскиот центар: „Јас купувам овде, затоа што работите се шарени и ефтини. Се’ едно ми е од каде доаѓа робата. Најважно е да заштедам пари“, вели една Унгарка.
Автор: Франк Хофман / Бисера Огњановска Митров
Редактор: Симе Недевски